• петок, 22 ноември 2024

Едукативни работилници со уметницата Селма Селман

Едукативни работилници со уметницата Селма Селман

Скопје, 5 јуни 2022 (МИА) - По повод десет години од Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, Тиииит! Инк во соработка со Хелсиншкиот граѓански парламент (hCa) од Бања Лука се вклучува во кампањата #AŠtoNeBiMogla, на македонски #АЗоштоНеБиМожела, со работилници за деца и млади кои ќе се одржат денеска со босанска уметница Селма Селман во Музејот на современа уметност во Скопје.

Целта на едукативните работилници „За еднаквост во работата со уметницата Селма Селман“ е да се поттикнат и мотивираат децата и младите да разговараат за родовата различност, да се поттикне намалувањето на родовиот јаз при уписот во училиште, напредувањето и задржувањето во училиштата на сите нивоа на образование и доживотно учење за девојчиња и момчиња, жени и мажи.

Работилниците ќе се одвиваат во две групи со посебен фокус на одредени теми. Работилницата за деца од 7-14 години ќе ги опфати темите: професии и родови стереотипи, жени лидери во мојата средина, родово базирано насилство. Работилницата за млади од 14-18 години ќе ги опфати темите рамноправност во дигиталниот свет, онлајн дискриминација и родово-одговорен јазик.

Селма Селман е призната уметница со ромско потекло, која се бави со перформативна и медиумска уметност и е добитничка на бројни престижни награди. Таа сè уште активно учествува и изложува на различни фестивали.

Ова издание на „Прво па женско“ е поддржано од Шведска и The Kvinna till Kvinna Foundation, FRIDA | The Young Feminist Fund, Зигрид Раусинг Траст и Министерство за култура. Партнери и соработници за #ППЖ10 се Медуза, ПичПрич, Младински културен центар, Коалиција Маргини/Coalition Margins (Skopje Pride Weekend), Kontrapunkt (КРИК - фестивал за критичка култура), Helsinki Citizens' Assembly (HCA), PrivatePrint, и Циник - Центарот за истражување на културана и национализмот. мд/мч/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан