Еднонеделен штрајк на белгиските железничари
- Штрајкот се организира поради незадоволство од предложените пензиски реформи на белгиската Влада, кои меѓу другото предвидуваат и зголемување на старосната граница за пензионирање.

Брисел, 24 март 2025 (МИА) - Во организација на белгискиот независен синдикат на јавниот транспорт МЕТИСП-Протект од денеска почнува еднонеделен штрајк на вработените во Националната железница на Белгија (СНЦБ/НМБС), јави дописникот на МИА од Брисел.
Штрајкот се организира поради незадоволство од предложените пензиски реформи на белгиската Влада, кои меѓу другото предвидуваат и зголемување на старосната граница за пензионирање.
Како што соопшти МЕТИСП-Протект, во штрајкот нема да се вклучат сите негови членови одеднаш, туку прво со работа ќе прекинат машиновозачите, а потоа во текот на неделата ќе им се приклучат и кондуктерите.
Поради штрајкот, СНЦБ/НМБС најави редуцирање на бројот на возови што ќе сообраќаат. Така денеска ќе функционираат две третини од меѓуградските брзи возови и три петтини од локалните и приградските возови. Утре, пак, ќе сообраќаат 70 проценти од меѓуградските возови и две третини од локалните и приградските возови. Распоредот прекин на железничките линии за следните денови ќе биде објавуван 24 часа однапред.
Овој прекин на работата следи по деветдневниот штрајк на Синдикатот на железничкиот персонал (СИВ/ОВС) и на Автономниот синдикат на машиновозачите (САЦТ/АСТБ) одржан кон крајот на февруари и почетокот на март, поради незадоволство од најавените владини реформи.
Двата најголеми синдикати на железничарите во Белгија, Генералниот сојуз на јавниот сектор – Транспорт (САЦТ/АСТБ) и Конфедерацијата на христијански синдикати – Транском (ЦСЦ-Т/АЦВ-Т) не учествуваат во овонеделниот, како ни во претходниот деветдневен прекин на работа, но најавија свој распоред на штрајкување во периодот до јули годинава, кој ќе започне со национален штрајк следниот понеделник на 31 март. сп/
Фото: МИА архива