• четврток, 26 септември 2024

Едномесечен притвор за косовски Србин осомничен за напад врз припадници на КФОР во мај 2023-та

Едномесечен притвор за косовски Србин осомничен за напад врз припадници на КФОР во мај 2023-та

Приштина, 21 јуни 2024 (МИА) – Косовски суд му одреди едномесечен притвор на косовски Србин осомничен дека сторил четири кривични дела, меѓу кои и напад врз припадници на Мировната мисија на НАТО во Косово - КФОР на протестите во Звечан во северно Косово во мај 2023 година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според Основниот суд во Приштина, обвинетиот со иницијали Л.Д. е осомничен за кривичните дела „здружување за противуставна дејност“, „загрозуваање на лица под меѓународна заштита“, „учество во толпа што врши кривично дело и хулиганство“ и „напад врз службено лице“.

Судот проценува дека, доколку биде на слобода, постои опасност од бегство на обвинетиот, со оглед на тоа дека работи во Србија и може да биде недостапен за органите на правдата во Косово.

- Постои основано сомнение дека на 29.05.2023 година во временскиот интервал од 06:00 часот до вечерните часови, во периметарот во кој се наоѓа објектот на општина Звечани, пријавениот Л.Д активно учествал во групата или толпата лица, која имала за цел да изврши тешки кривични дела, на тој начин што преку употреба на насилство се обидела да го спречи воспоставувањето на уставниот поредок на Република Косово во северните општини на земјата, се вели во соопштението.

Според судот, и покрај наредбите на војниците од мировната мисија на КФОР за мирно растурање на толпата и одбивањето да влезат во објектот на општината, групата во која учествувал Л.Д. „почнала да врши неконтролирано насилство, користејќи цврсти алатки, импровизирани експлозивни направи и огнено оружје, од кои се повредени најмалку 30 припадници на мировните сили на КФОР, од кои тројца од проектилите од огнено оружје“.

- Предизвикана е и значителна материјална штета на возилата на КФОР, полицијата на Косово и на автомобили на новинари кои известуваа за настаните од тој ден, кои вклучуваат целосно палење на неколку возила или физичка штета во голема мера, предизвикувајќи висок степен на опасност по животите и телата на многу луѓе и имот, се вели во образложението на Судот за определување на мерката притвор.

Според српските медиуми, станува збор за маж, роден 1979, кој завчера бил запрен на пунктот Бистрица, првенствено со цел да се провери поради евентуален шверц на стока.

По проверка на лицето и документите, полицијата објави дека утврдила дека се работи за лице кое се бара во врска со настаните од мај минатата година пред општинската зграда во Звечан, кога дојде до конфликт меѓу група Срби и припадници на КФОР.

За апсењето на Л.Д. се огласи и Канцеларијата за Косово при Владата на Србија, која тврди дека станува збор за цариник кој, велат, една година слободно се движи и дека „неговото апсење во овој момент е исклучиво политичко дејствие на Приштина со цел да предизвика нови тензии“. иа/рп/

Остани поврзан