• недела, 22 декември 2024

Еден загинат во инцидент кај грчкиот остров Сими меѓу брод на крајбрежната служба и глисер со мигранти

Еден загинат во инцидент кај грчкиот остров Сими меѓу брод на крајбрежната служба и глисер со мигранти

Атина, 23 август 2024 (МИА) – Странски државјанин загина откако им подлегна на повредите здобиени за време на инцидент меѓу брод на крајбрежната служба на Грција и глисер со мигранти, кој не застанал на светлосните и звучните сигнали, но и се обидел да го удри патролниот брод, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што информираа од крајбрежната служба на Грција, откако глисерот што пренесувал мигранти не реагирал на сигналите од крајбрежната служба, направил опасни маневри, ставајќи ги во опасност животите на членовите на екипажот на бродот на крајбрежната служба, следувала потера, при која загинал мажот.

Бил пренесен во болница на островот Родос, додека пак глисерот со 13 мигранти, одведен на островот Сими.

Инцидентот се случил во морскиот дел во близина на островот Сими, а глисерот тргнал од турското крајбрежје.

Ова е втор случај на потера во близина на Сими во изминатите две седмици, со оглед на тоа дека на почетокот на месецов, криумчар на мигранти беше повреден откако се обидел да ѝ избега на крајбрежната стража.

Криумчарот, како што тогаш објави МИА, не застанал на светлосните и звучните сигнали и ја зголемил брзината на глисерот, по што од патролниот брод биле испукани четири истрели, два предупредувачки и два наменски кон моторот.

Тогаш, за разлика од денешниот инцидент, освен криумчарот, глисерот беше празен, со оглед на тоа дека мигрантите претходно биле оставени на островот. ср/сд/

Остани поврзан