• петок, 05 декември 2025

Египет ќе организира самит за Газа откако ќе стапи во сила прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас

Египет ќе организира самит за Газа откако ќе стапи во сила прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас

Каиро, 11 октомври 2025 (МИА) – Египет планира да организира меѓународен самит за Газа откако прекинот на огнот меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас ќе стапи во сила според мировниот план на САД.

Со самитот, кој ќе се одржи во египетското одморалиште Шарм ел-Шеик на Црвеното Море, ќе копретседаваат американскиот претседател Доналд Трамп и египетскиот претседател Абдел-Фатах ал-Сиси, соопшти денеска египетското Министерство за надворешни работи.

Египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абдел-Ати и државниот секретар на САД Марко Рубио разговарале телефонски за организацијата на самитот и меѓународното учество, се додава во соопштението на министерството. Не е даден конкретен датум за состанокот, ниту дополнителни детали.

Според медиумски извештаи, неколку европски и арапски лидери се очекува да присуствуваат на самитот.

Ал-Сиси го поканил германскиот канцелар Фридрих Мерц да присуствува на церемонијата на потпишување на договорот за Газа во Египет.

Трамп веќе изрази интерес да патува во Египет за церемонијата на потпишување по посетата на Израел. Тој наведе дека може да патува на Блискиот Исток уште утре, но не прецизираше датуми за поединечните станици на своето патување.

Прекинот на огнот, што претставува прв чекор во поширокиот мировен план на САД за целосен крај на двогодишната разорна војна, стапи во сила во петокот.

Договорот предвидува ослободување на сите заложници кои се држат во Појасот Газа и повлекување на израелските сили до меѓусебно договорена линија во крајбрежната територија. јт/

Фото: Пиксабеј илустрација

Остани поврзан