• недела, 22 декември 2024

Европскиот фронт ќе ги обжали одлуките на ДИК за прегласување во ИЕ5 и ИЕ6 и ќе поднесе пријави за членовите

Европскиот фронт ќе ги обжали одлуките на ДИК за прегласување во ИЕ5 и ИЕ6 и ќе поднесе пријави за членовите

Скопје, 15 мај 2024 (МИА) — Европскиот фронт ќе ги обжали одлуките на Државната изборна комисија (ДИК) во Управниот суд и ќе поднесе пријави за членовите на ДИК за кршење на правото на гласачите да ја изразат слободната волја, соопшти денеска на прес-конференција портпаролот на ДУИ и технички министер за надворешни работи Бујар Османи.

Ова доаѓа откако ДИК ги прифати приговорите кои ги поднесоа политичките партии по одржувањето на парламентарните избори на 8 мај, за прегласување во шест избирачки места во ИЕ5 и едно избирачко место во ИЕ6.

– Домашната и меѓународната јавност беа директни сведоци на еклатантното кршење на процедурите во Државната изборна комисија и партиската и институционална кражба на изборната волја, преку незаконската одлука за прегласување во точно избрани гласачки места во родните места на носителите на опозицијата, таму кадешто имаат победено со длабок резултат само со цел контрола на гласачкото место и манипулирање на гласачката волја. Тоа што го гледаа граѓаните, посебно албанци, на директниот пренос преку мајоризација на одлуките, носејќи одлуки кои се целосно, без факти и незаконски, ги потсети на мајоризацијата од 90-те години, рече Османи. 

Според Османи, целта на ваквите одлуки е да се ублажи поразот на албанската опозициска коалиција „Вреди“, како и да се оцрнат албанските гласачи и државата, бидејќи, како што рече, за првпат за време на организирање на избори, на чело на Владата е премиер Албанец.

– Целта на ваквите незаконски одлуки е да се ублажи поразот на опозициските политички партии во албанскиот блок, меѓутоа, исто така да се оцрни албанскиот гласач во гласачките места, дека не можат да спроведат коректни избори, но се разбира и државата во услови кога за првпат на чело на Влада, за време на организирање на избори е премиер Албанец. Донесуваме одлука да ги обжалиме овие одлуки на Државната изборна комисија во Управниот суд, но се разбира и да покренеме пријави за членовите на Државната изборна комисија за кршење на правото на гласачите да можат да ја манифестираат слободната волја, рече Османи.

Тужбите против ваквата одлука на ДИК се поднесуваат во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием. ра/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан