• недела, 22 декември 2024

Европратеници бараат сослушување за новиот сопственик на „Твитер“ Илон Маск

Европратеници бараат сослушување за новиот сопственик на „Твитер“ Илон Маск
Брисел, 8 ноември 2022 (МИА) – Европратениците од центристичката група „Да ја обновиме Европа“ денеска побараа мултимилијардерот Илон Маск да биде сослушан во Европскиот парламент за да се дознае повеќе за неговите намери како нов сопственик на социјалната мрежа „Твитер“ и да се потсети на неговите обврски. - Иако сè уште не знаеме целосно кои се намерите на новиот сопственик на „Твитер“, неговите досегашни изјави и постапки предизвикуваат загриженост, напиша групата, која е трета по големина во Европскиот парламент, во писмо до претседателката на ЕП Роберта Мецола. - Постојат добри причини да се верува дека сегашните стандарди на „Твитер“ би можеле да бидат ослабени во време кога борбата против мешањето во изборите, дезинформациите и говорот на омраза е поважна од кога било досега, се вели во писмото потпишано од потпретседателката на групата Дита Чаразнова и европратеничката Софи ин’т Велд. Пратеничката група бара од претседателката на ЕП Роберта Мецола да го повика Илон Маск на сослушување во Европскиот парламент за да го потсети на неговите обврски според регулативите на ЕУ и Кодексот на добра практика од 2022 година во врска со дезинформациите. - Без оглед на одлуките на Маск, нашето мото ќе остане: Нашт континент, наши правила. Треба да бидеме сигурни дека „Твитер“ ќе продолжи да дејствува против дезинформациите и говорот на омраза, напиша претседателот на групата Стефан Сежурне. Најбогатиот човек на светот на 28 октомври го презеде управувањето со „Твитер“ кој го купи за 44 милијарди долари и веднаш го распушти одборот на директори, отпушти менаџери и половина од 7.500 вработени. јт/

Остани поврзан