• вторник, 11 март 2025

Европарламентот го одобри новиот план за поддршка на Молдавија 

Европарламентот го одобри новиот план за поддршка на Молдавија 

Брисел, 11 март 2025 (МИА) - Европскиот парламент денеска даде зелено светло за новиот план за поддршка за Молдавија, со кој се предвидува создавање на Инструмент за реформи и раст на земјата вреден 1,9 милијарди евра, наменети за забрзување на социо-економските реформи, зајакнување на отпорноста и унапредување на интеграцијата во ЕУ. 

За одобрување на планот гласаа 499 европратеници, 117 беа против, а 44 се воздржаа од гласање. 

Целта на Инструментот е да и помогне на Молдавија во справување со главните предизвици со кои се соочува, пред се со последиците од руската агресија врз Украина врз безбедноста, економијата и населението на земјата, како и за зајакнување отпорноста кон хибридните напади и мешањето од страна на Русија насочени кон нејзините демократски процеси и институции. 

Од вкупната сума од 1,9 милијарди евра, што треба да биде исплатена до 2027 година, 520 милиони евра ќе бидат во форма на грантови, а останатите речиси 1,5 милијарди евра како позајмици под поволни услови, со што ќе и се овозможи на Молдавија да ги спроведува неопходните реформа без да акумулира неодржлив долг. 

Како дел од помошта, слично како и во случајот со Планот за раст на Западниот Балкан, предвидени се и средства за предфинансирање во износ од 18 отсто од вкупно предвидената сума, првенствено наменети за зајакнување на енергетската безбедност, институциите за борба против корупцијата и за модернизацијата на јавните услуги. 

Со планот се предвидува и 20 проценти од грантовите бидат искористени за дигитализација на молдавските институции, за обука на државните служби и за реформи во правосудството. 

Предуслов за исплата на средствата е Молдавија да ги имплементира предвидените реформи со утврденото темпо, за што ќе биде спроведен и засилен надзор. Во тие рамки се предвидува воспоставување на дијалог меѓу Европарламентот и Еврокомисијата за редовен преглед на напредокот во спроведувањето на реформите. 

Пред да стапи во сила, планот треба да биде одобрен и од Советот на ЕУ. 

Инструментот за реформи и раст на Молдавија, чија цел е удвојување на обемот на нејзината економија во рок од една деценија и обезбедување социо-економската стабилност, е моделиран по примерот на Инструментот за реформи и раст за Западниот Балкан, во чии рамки Северна Македонија до 2027 години треба да добие 750,4 милиони евра. сп/ 

Фото: Европска Унија 

Остани поврзан