Евробаскет: Расистички навреди од литвански навивачи кон Шредер
- Најдобриот германски кошаркар Денис Шредер беше цел на расистички навреди од дел од литванските навивачи за време на вчерашниот натпревар од Европското првенство, по што обезбедувањето исфрли две лица од арената во Тампере.
Тампере, 31 август 2025 (МИА) – Најдобриот германски кошаркар Денис Шредер беше цел на расистички навреди од дел од литванските навивачи за време на вчерашниот натпревар од Европското првенство, по што обезбедувањето исфрли две лица од арената во Тампере.
„Можете да ме навредувате, но јас нема да толерирам расизам. Тажно е и таквото однесување нема место во спортот“, рече Шредер по натпреварот во кој Германија ја победи Литванија со 107-88.
Неговата сопруга Елен, исто така, се огласи на социјалните мрежи, велејќи дека некои литвански навивачи треба да се засрамат од своите расистички навреди кон нејзиниот сопруг.
Инцидент беше остро осуден од Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА), а на Шредер му се извинија од литванската репрезентација и кошаркарската асоцијација на Литванија.
Шредер, кој 12 години игра во НБА лигата, во јули ја смени клупската средина и во новата сезона ќе настапува за Сакраменто. ег
ФОТО: ЕПА