• четврток, 02 мај 2024

Евробарометар: Малите и средни претпријатија во ЕУ имаат недостиг на стручен кадар

Евробарометар: Малите и средни претпријатија во ЕУ имаат недостиг на стручен кадар

Брисел, 14 ноември 2023 (МИА) - Малите и средни претпријатија во ЕУ се соочуваат со сериозен проблем со недостиг на стручен кадар, покажуваат резултатите од истражувањето на Евробарометар. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, според податоците од истражувањето, ваков проблем посочиле 53 отсто од микро компаниите во ЕУ, 65 проценти од малите и 68 отсто од средните фирми. 

Вкупно 42 проценти од компаниите опфатени со истражувањето изјавиле дека се соочуваат со недостиг на техничари, a 23 проценти имаат потреба од лица за грижа за корисници, како продавачи, рецепционери, советници на клиенти и слично. 

Дополнително, 18 отсто во овие фирми посочиле дека имаат недостиг на ИТ експерти, по 12 отсто на административен персонал и маркетинг агенти, а осум проценти имаат потреба од стручни лица за човечки ресурси. 

Како главна причина за недостиг на стручен персонал во нивните средини, 48 отсто од компаниите го посочиле зголемениот обем на работа на постојниот кадар. Оваа стапка изнесува 55 проценти кај средните компании, 47 кај малите и 49 отсто кај микро претпријатијата. 

Најмал недостиг на стручен кадар по земји е регистриран во Литванија од 13 проценти, а најголем во Белгија – од 60 отсто.  

Три од десет од микро и мали компании (31 отсто) сметаат дека како последица на недостигот на стручен кадар остваруваат помал обем на продажба или имаат проблем со проширување на своите капацитети. Вакво мислење изразуваат 22 проценти од средните претпријатија. 

Според истражувањето, 25 отсто од овие компании сметаат дека недостигот на стручен кадар резултира со нивна намалена профитабилност и раст, 23 проценти со зголемени трошоци за производство, а 22 отсто со одржувањето на квалитетот на производите или услугите што ги нудат. Само осум проценти од микро, малите и средни претпријатија во недостигот на стручен кадар гледаат проблеми во намаленото истражување и развој или иновациски активности. 

Според методологијата, за микро претпријатие се смета компанија со под 10 вработени, за мало со од 10 до 49 вработени и за средно – фирма со меѓу 50 и 249 работници. 

Коментирајќи ги резултатите од истражувањето, еврокомесар за внатрешен пазар Тјери Бретон оцени дека недостигот на стручен кадар е се поголем проблем за европската економија.

- Комисијата веќе работи на решавање на недостигот на стручен кадар во клучните стратешки сектори. Оваа истражување ќе придонесе за нашето сфаќање како недостигот на стручен кадар влијае врз малите и средни претпријатија, кои претставуваат 98 проценти од европската економија и како да ја подобриме нивната севкупна конкурентност, посочи Бретон. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан