• среда, 07 јануари 2026

„Дaj не фрлај - подари“ со донација за Бадник за 30 семејства во Делчево и околината

„Дaj не фрлај - подари“ со донација за Бадник за 30 семејства во Делчево и околината

Делчево, 5 јануари 2026 (МИА) – Во пресрет на Бадник, хуманитарната иницијатива „Дaj не фрлај - подари“ од Делчево организира нова донација на пакети со основни прехранбени производи. Пакетите, како што информираа од здружението, утре ќе бидат распределени на 30 социјално загрозени семејства од Делчево и околината.  

-Донацијата е овозможена благодарение на верен следач и поддржувач на иницијативата, а во моментов е во тек пакувањето на пакетите. Целта, како што велат организаторите, е ниту едно семејство да не остане без бадникова вечера, информираа од здружението.

Покрај основните намирници потребни за Бадник, обезбедена е и нова облека за децата за Божиќ, донација од хуман донатор од Охрид, со што празничната радост ќе биде поголема и за најмладите.  

-Секој мал гест значи многу за оние на кои им е најпотребно. Заедно можеме да направиме празниците да бидат потопли и подостоинствени за сите“, порачуваат од иницијативата.  

Граѓаните можат да видат што точно се донира и дали донацијата е веќе подарена на официјалната страна на здружението на фејсбук. Оттаму упатија благодарност до сите донатори и поддржувачи кои несебично помагаат и ја шират хуманоста во заедницата. вс/нд/

Фото: Здружение ,,Дај не фрлај - подари“

Остани поврзан