• понеделник, 25 ноември 2024

ДФРМ: Намена на извештајот за работењето на Агенцијата за филм е да се изврши директен атак врз кинематографијата

ДФРМ: Намена на извештајот за работењето на Агенцијата за филм е да се изврши директен атак врз кинематографијата

Скопје, 18 јуни 2024

Со формирањето на работна група за утврдување на состојбите во Агенцијата за филм составена од лица вработени во министерството, во време на техничка влада, која нема никаква надлежност да постапува и да утврдува состојби, а уште помалку да се става во функцијата над Државниот завод за ревизија, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерката во заминување, уште еднаш потврди дека доследно и до крај, е гробар на македонскиот филм и македонската култура.

Овој чин не може поинаку да се протоклува, освен дека е постапување по налог, бидејќи целиот извештај на оваа работа група е повторно прераскажување на смешните тези на Милчо Манчевски, за кои многукратно се покажа дека се фабрикувани.

Веќе нема никакви сомнежи дека главниот генератор на ова „кризно сценарио“ е токму Манчевски, бидејќи тој, овој извештај го цитираше во јавноста, неколку дена пред самиот да го објави во целост.

Дали ова негово здружување со Костадиновска Стојчевска, а потпомогнато од неговата блиска пријателка - државниот советник Весна Илиевска, која е автор на споменатиот извештај, укажува на концентрација на моќ чија единствена цел е реваншизам кон успехот на домашната кинематографија и афирмирање на лажната неприкосновеност на Манчевски?

Зошто во извештајот, кој е изработен во април и мај 2024, не постои информација за потпишувањето на пред-договор со Банана филм за филмот “Биста” на Манчевски, кое се случи во средината на мај, спротивно на одлуката на Управниот одбор на Агенцијата за филм која е се уште на сила, а потврдена од Вишиот управен суд, за стопирање на финансирањето на проектите на оваа продукција?

Овие чудни, насилни и избрзани реакции, евидентно укажуваат на намера да се уништи македонскиот филм, да се уништат македонските филмски продукции, да се уништи Друштвото на филмски работици, а особено да се разединат продуцентите од секцијата Продукија при ДФРМ, кои веќе втора година по ред водат сизифовска борба со Агенцијата за филм и Министерството за култура, барајќи еднаков третман на сите продуценти и подобри услови за филмските професионалци.

Уште еднаш потенцираме дека во ДФРМ, по пријави од страна на Манчевски поминаа сите можни инспекции од министерството за култура, финансиската полиција, Државниот завод за ревизија, Комисијата за спречување корупција и како што е евидентно и познато, кај нас е се чисто!

Ја информираме јавноста дека по изјавите во медиумите, во кои се пласирани невистини, ДФРМ ќе поднесе тужба за клевета, а ќе ги разгледа и елементите за кривична пријава поради фабрикување на информации од страна на одговорните лица во Министерството за култура.

Го повикуваме идниот Министер за култура Зоран Љутков, приоритетно да ги расветли до крај сите овие клевети кои стигнуваат од ресорното министерство, со надеж дека час поскоро филмските работници ќе можат да здивнат од овие лоши бирократски сценарија и да се фокусираат на нивната работа, филмот, најголемиот амбасадор на нашата култура.

Друштво на филмски работници

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан