Следната недела ќе биде познато дали ќе има ограничување на маржите на основните прехранбени производи
- Следната недела ќе биде познато дали ќе има ограничување на маржите на основните прехранбени производи, средствата за хигиена и бебешката храна. Претставници на трговците и дистрибутерите денеска имаа средба во Министерството за економија и дале свои предлози кои дополнително ќе се анализираат.
![Следната недела ќе биде познато дали ќе има ограничување на маржите на основните прехранбени производи](https://mia.mk/images/20250214134220_big_730x400_52.webp )
Скопје, 14 февруари 2025 (МИА) - Следната недела ќе биде познато дали ќе има ограничување на маржите на основните прехранбени производи, средствата за хигиена и бебешката храна. Претставници на трговците и дистрибутерите денеска имаа средба во Министерството за економија и дале свои предлози кои дополнително ќе се анализираат.
- Трговците и дистрибутерите дадоа свои предлози и забелешки кои Министерството за економија и труд дополнително ќе ги анализира. На состанокот беше договорено конечната одлука да се донесе во текот на следната недела, информираа од Министерството за економија и труд.
На состанокот присуствувале министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, неговиот заменик Марјан Ристески, директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски и претставници од Комисијата за заштитa од конкуренција.
По зголемувањето на цените на храната и двата граѓански бојкота, во вторникот Владата на седница го задолжи Министерството за економија да подготви Предлог-одлука за ограничување на бруто профитната маржа на 10 проценти во трговијата на големо и во трговијата на мало на дел од основните прехранбени производи, средствата за хигиена и бебешката храна.
Со Предлог-одлуката требаше да бидат опфатени основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници, но и детергентите, бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните.
Ваквата одлука се темелеше на шестмесечниот извештај од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало беше утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците и дистрибутерите се евидентирани повисоки маржи кои одат дури и до 50 отсто. вј/бак/
Фото: Министерство за економија и труд