Дука: Финализиран уште еден од повеќето капитални проекти во интерес на граѓаните
- Општина Дебар реализира уште еден значаен проект од областа на патната инфраструктура, целосната реконструкција и проширување на патот за пограничното село Спас.
Дебар, 24 октомври 2025 (МИА) - Општина Дебар реализира уште еден значаен проект од областа на патната инфраструктура, целосната реконструкција и проширување на патот за пограничното село Спас.
-Покрај повеќето други капитални проекти, кои се во интерес на жителите на нашата општина и патот за селото Спас стана реалност. Тон е во должина од 1 577 метри, а потрошени се средства во износ од 8.143.575 денари добиени на повикот на Министерството за локална самоуправа, за средства од унгарскиот кредит, рече за МИА градоначалникот Хекуран Дука.
Додаде дека деновиве е завршена изградбата на водовод во должина од 3,2 километри, кој со вода за пиење ја снабдува населбата Белешница, во Могорче, најголемото село во општината со околу 2 илјади жители, инвестиција вредна над 1,5 милиони денари.
-Во тек е уште еден значаен инфраструктурен проект за жителите на селото Могорче, изградбата на нов водовод кој ќе обезбеди стабилно снабдување со вода за пиење. Проектот предвидува реконструкција и доизградба на водоводната мрежа во истото село, во должина од 3,4 километри, од изворот до двата главни резервоара на селото. Проектот е целосно финансиран од средства добиени од унгарскиот кредит, вреден над 9,9 милиони денари, нагласи Дука.

Според него, во рамки на друг проект, финансиран од буџетот на општината, е реализирано и пробивањето на планинскиот пат, кој ќе овозможи пристап на механизација за одржување на водоводот и ќе им го олесни транспортот на сточарите кон планинските пасишта.
Посочи дека со средства од унгарскиот кредит и кофинансирање од општината нов лик добија неколку улици во градот, а планирана е реализација и на други инфраструктурни проекти, за што во општинската каса ги има потребните средства.
Дука, чиј мандат е на крај, не го крие задоволството од она што е реализирано во општината, во повеќе области, со негова максимална заложба и силна поддршка, насочени кон подобрување на условите за живот за сите жители на општината и посебно во негувањето на соживотот и вековната верска толеранција по која е препознатлив овој крај. вт/мд/
Фото: Општина Дебар