• среда, 05 март 2025

Дуда: Се надевам дека Трамп ќе биде остар и со Путин, а не само со Зеленски

Дуда: Се надевам дека Трамп ќе биде остар и со Путин, а не само со Зеленски

Варшава, 5 март 2025 (МИА) – Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска го советуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски да се врати на преговорите со американскиот претседател Доналд Трамп како што разговараат двајца бизнисмени и изрази надеж дека Трамп ќе биде исто толку остар кон рускиот претседател Владимир Путин како и со Зеленски, бидејќи неговата единствена цел е мирот.

- Тоа е многу остра игра. Верувам дека тоа е елемент на многу острата тактика со која се оди кон тие преговори, бидејќи треба да имаме предвид дека сме во фаза на одење кон преговори. Разговарав со Трамп пред една недела и можам да кажам дека тој има единствена цел. Тој сака да стави крај на војната во Украина, таа трагедија, тоа што толку многу луѓе гинат. Ситуацијата е напната. Она што се случи во Овалната соба е без преседан, изјави денеска Дуда за полската приватна телевизија ТВН24.

Дуда рече дека го советувал Зеленски да се врати на разговорите со Трамп што е можно поскоро.

- Му реков „го познаваш Трамп, си имал можност да го запознаеш и знаеш дека поголемиот дел од својот живот го поминал во бизнис“. Му реков: „Владимир, и ти дојде во политиката од бизнис, разговарајте со Трамп како бизнисмен со бизнисмен и обидете се да се договорите за услови кои ќе бидат од корист за двете страни, рече Дуда.

На прашањето зошто Трамп се обидува да изнуди отстапки од Зеленски, а не од Путин и зошто Кремљ е задоволен што американската политика со Трамп се менува во согласност со руската визија, полскиот претседател одговори дека никој не знае каква игра Трамп игра со Путин, бидејќи нема информации за содржината на нивните телефонски разговори.

- Ве молам, некој да претстави идеја како да се стави крај на војната во Украина. Да се победи Русија? Убаво, но што значи тоа? Најпрво споделувам еден став. Крај на војната е можен само доколку страните почнат преговори. Се надевам дека резултатот од овие преговори ќе биде траен мир, бидејќи тоа денес е најважно за Полјаците, рече Дуда. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан