• петок, 15 ноември 2024

Д-р Бабуновска за МИА: Нема поголема инвестиција од инвестицијата во себе (видео)

Д-р Бабуновска за МИА: Нема поголема инвестиција од инвестицијата во себе (видео)

Љубљана, 9 март 2024 (МИА) - Ништо не доаѓа преку ноќ. Макотрпна работа, посветеност ќе придонесе за труд. Нема поголема инвестиција од инвестицијата во себе, вели во интервју за МИА д-р Марија Бабуновска, невролог од Универзитетската клиника за неврологија во Скопје чијшто труд беше награден во Љубљана на Меѓународните Медис награди. Младата докторка оваа порака ја упати до сите жени докторки, научници и младите кои сакаат да успеат во своите области. 

Трудот на д-р Бабуновска и тимот со кој работеше беше избран меѓу финалистите во областа на неврологијата, а се однесува на „Фрактури кај лица со епилепсија: Кохортна студија базирана на национално ниво“ објавена во научното списание „Epilepsia Open“.

Истражувана е голема, национална група на пациенти со епилепсија за да се покаже дека тие имаат зголемена преваленца на фрактури на коските во споредба со oпштата популација.

Во интервјуто за МИА, дадено непосредно по врачувањето на наградата во Љубљана, д-р Бабуновска објаснува дека целта на студијата била да се добијат нови сознанија кои ќе им помогнат на пациентите со епилепсија и коишто би можеле да помогнат во обидот да се воспостави ефикасна превенција. Таа исто така зборува и за предизвиците, но и за тоа какви се можностите за истражување и научно-истражувачка работа кај нас, но и упатува порака до младите, вклучително и до жените.

Меѓународните Медис награди се доделуваат од независна меѓународна експертска комисија за извонредни научни истражувачки достигнувања во девет земји од Централна и Југоисточна Европа. Годинава на конкурсот беа пристигнати 242 трудови од кои 148 влегоа во конкуренција во девет области од медицината и фармацијата и тоа гастроентерологија, гинекологија, интензивна медицина и анестезиологија, неврологија, офталмологија, педијатрија, пулмологија и алергологија, ревматологија и фармација. Трудовите со коишто се конкурира се претходно веќе објавени во специјализирани научни списанија.

Во продолжение проследете го интервјуто со д-р Марија Бабуновска снимено во четвртоко по доделувањето на наградите.

Фото: МИА

   

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан