• вторник, 26 ноември 2024

Државното правобранителство и понатаму не одржува прес-конференции за своето работење, констатира Петтиот мониторинг извештај

Државното правобранителство и понатаму не одржува прес-конференции за своето работење, констатира Петтиот мониторинг извештај
Скопје, 24 декември 2020 (МИА) - Државното правобранителство и понатаму не одржува прес-конференции на кои ќе се презентираат сегменти од работењето, се забележува отсуство од давање соопштенија за медиуми, особено за битни предмети кои ја засегаат јавноста, а се однесуваат на имотните интереси на државата, покажува Петтиот мониторинг извештај за работата на Државното правобранителство на Република Северна Македонија за период јули-декември 2020. Извештајот содржи информации во однос на ефективноста и транспарентноста во работата на овој орган, а особен акцент е ставен на заштита на имотните интереси на републиката во судските постапки, постапките за приватизација на градежно земјиште, денационализација, експропријација преку приказ на предметите кои се заведени и решени пред надлежните судови во овој шестмесечен период. Согласно со добиените информации од Основниот граѓански суд Скопје, за период од 1.6.2020 година до 27.10.2020 година, Извештајот евидентира вкупно 335 предмети, во кои, како застапник по закон, се јавува Државното правобранителство, од кои најмногу 249 предмети во работни споровит, потоа 32 предмети во трговски спорови, 28 предмети во вонпарнични спорови и 26 предмети во имотни и семејни спорови. - И понатаму се констатира потребата од воведување електронски систем, сличен на АКМИС-от што функционира во судовите, кој би овозможил постоење детална статистика, прегледен и брз увид во секоја фаза во која се наоѓаат предметите, а би постоело и меѓусебно вмрежување со останатите правобранителства, како и со државното правобранителство за подрачјето на Скопје, се вели во извештајот. Во периодот јули-декември 2020 година Институтот за човекови права извршил мониторинг на 50 судски предмети што се водат пред Основниот граѓански суд Скопје и пред Основниот кривичен суд Скопје, а во кои Државното правобранителство има имотно-правни побарувања насочени кон обвинети во кривични постапки. - Од следењето на селектираните судски предмети може да се констатира дека соработката на државните органи со ДПРСМ е континуирана, иако, во одредени случаи, се јавуваат проблеми, кои се резултат на кратките рокови за постапување, се вели во извештајот. Во извештајот, исто така, се наведува дека од Државното правобранителство не добиле одговор на прашањето колкав износ е исплатен/наплатен од/во Буџетот на РСМ, односно бил добиен одговро дека не располагаат со тие информации, затоа што средствата се исплаќаат преку Министерството за финансии, додека пак трошоците за застапување, кои му се досудени на ДПРСМ, се наплатуваат преку Управата за јавни приходи и истите претставуваат приход во Буџетот. Мониторингот е направен во рамките на  проектот „Заедно во борба против корупција”  кој го спроведуваат СКУП,  Институтот за човекови права (ИЧП) и Медиум, како партнери, со цел подобрување на капацитетите на граѓанскиот сектор за остварување на улогата на контролори на работата на државните органи. аа/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан