• сабота, 23 ноември 2024

Државниот инспекторат за животна средина поведе прекршочна постапка против кочански „Пејпар мил“ за повторно аерозагадување

Државниот инспекторат за животна средина поведе прекршочна постапка против кочански „Пејпар мил“ за повторно аерозагадување

Кочани, 7 февруари 2023 (МИА) – По контролниот инспекциски надзор во фабриката „Пејпар мил“ од Кочани, што на почетокот на февруари го направил Државниот инспекторат за животна средина, регистрирано е повторно загадувaње на воздухот над дозволените параметри.

Акредитирана лабораторија измерила надминувања на граничните вредности на емисиите на цврсти честички, односно прашина и јаглероден моноксид што излегувале од фабричкиот оџак.

На 2 февруари од Инспекторатот ја забраниле употребата на пелети како енергенс и издале наредба во рок од пет дена фабриката да премине на природен гас. Дополнително, таа е задолжена во рок од пет дена откако ќе почне да користи гас да направи нови мерења на емисиите во воздухот со акредитирана лабораторија за животна средина.

Поради недозволеното испуштање штетни материи во воздухот, констатирано е прекршување од трета категорија на Законот за животна средина, а Инспекторатот повел прекршочна постапка. Во меѓувреме, одговорното лице на фабриката веќе потпишало записник за меѓусебно спогодување и предметот треба да го разгледа Комисијата за спогодување од Министерството за животна средина.

– Глобата за сторениот прекршок за среден трговец, односно за правното лице „Пејпар мил“, изнесува од 110 до 120 илјади евра, а за одговорното лице глобата е шест илјади евра во денарска противвредност, се истакнува во известувањето од Инспекторатот.

Изречената казнена мерка против „Пејпар мил“ не е прва, со оглед што во изминатите години Државниот инспекторат за животна средина неколкупати утврдуваше нарушување на параметрите во издадената А-интегрирана еколошка дозвола и изрекуваше соодветни санкции. та/дма/

Остани поврзан