• недела, 22 декември 2024

Драмски театар со „Фирма“ ќе гостува на фестивалот РУТА во Љубљана

Драмски театар со „Фирма“ ќе гостува на фестивалот РУТА во Љубљана

Скопје, 6 февруари 2024 (МИА) - Драмски театар Скопје со претставата „Фирма“ утре ќе гостува во Љубљана, во рамки на третото словенечко издание на регионалниот театарски фестивал РУТА, што се одржува од 2 до 7 овој месец, во организација на Местно гледалишче Љубљана.

Претставата „Фирма“ на режисерката Нела Витошевиќ е работена според „Push up 1-3“ од Роланд Шимелфенинг. Драматург е Викторија Рангелова Петровска. Сценографијата е на Костантин Трпеноски, „mvv.design“. Костимите се на Розе Трајчевска – Ристоска, а изборот на музика на Нела Витошевиќ. Фотограф е Стефан Стамандов. Инспициент на претставата е Гоце Бојчев, а суфлер Жаклина Цветковска.

Режисерката Витошевиќ за претставата и за авторот истакнува дека тој е еден од најплодните, најуспешни и најпреведувани германски автори.

Поради тематската актуелност на „Фирма“ (Push Up 1-3), авторот храбро прави вивисекција на капиталистичкото општество и последиците што доаѓаат како резултат од така поставениот систем. Тој во преден план ја истакнува бескруполозната борба на индивидуата која се стреми да се искачи на врвот на хиерархиската пирамида, како и проблемот на осаменоста и отуѓеноста кои се рефлексија на таквото капиталистичко уредување. Целото дејство се случува во ИТ-корпорација. Во тоа „застрашувачко“ опкружување карактерите се натпреваруваат меѓусебно за повисока позиција во фирмата. Механизмите да се стигне до врвот се бескрупулозни, карактерите се служат со вербална манипулација и лицемерие за да го зграбат она што го посакуваат. Посветени да ги добијат овие битки, тие остануваат без социјален живот, затворени во нивните големи празни станови, асоцијативни за нивната духовна и социјална празнина.

Премиерата на „Фирма“ беше на отворањето на фестивалот РУТА што Драмски театар Скопје го организираше во октомври. Претставата досега е изведена десет пати на матичната сцена и ова гостување во Местно гледалишче Љубљана е прво гостување на претставата во странство. бт/бак/

Фото: Драмски театар Скопје

Остани поврзан