• петок, 22 ноември 2024

ДПМ во понеделник ќе ги соопшти добитниците на традиционалните годишни награди

ДПМ во понеделник ќе ги соопшти добитниците на традиционалните годишни награди

Скопје, 13 септември 2024 (МИА) - Друштвото на писатели на Македонија денеска соопшти дека во понеделник ќе бидат соопштени добитниците на традиционалните годишни награди на ДПМ. 

- Во понеделник во 11:00 часот во просториите на Друштвото на писателите на Македонија на прес-конференција за медиуми  ќе бидат обзнанети добитниците на традиционалните годишни награди на ДПМ за 2023 година, чијшто конкурс минатата година беше одложен поради случувањата во Друштвото, односно долгата промена на раководството, се вели во најавата.. 

Од ДПМ претходно информираа дека за најдобро прозно дело во финалето се влезени романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски (издание на „Матица“), романот „Заборав“ на Томислав Османли (издание на „ВиГ Зеница“); и  збирката раскази „Вонземјанки“ од Влада Урошевиќ (издание на „Или-или“). 

За најдобра поетска збирка финалисти се „Коњски житија“ од Зоран Анчевски („Арс ламина“), „За сите времиња“ од Братислав Ташковски („ПНВ публикации“) и „На врв на јазикот“ од Катица Ќулавкова („Арс ламина“).

За најдобра книга за деца и млади биле пријавени шест дела, а поради малиот број конкуренти, вториот круг бил воедно и финален круг и во него се влезени „На крилјата на самовилското коњче“ од Александра Велинова („Едука Мак“), „Рокчето“ од Никола Маџиров („Арс Ламина“) и „Земјата на заборавените сказни“ од Билјана Црвенковска („Чудна шума“).

За наградата за најдобра книга критика и есеистика биле избрани пет дела, а поради изедначениот број бодови финалистите се четворица: „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски („Матица“), „Птици во аквариум“ од Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ (издание на „Полица“), „Живот во ролни“ од Горан Тренчовски (самиздат) и „Два опита (Конески и Старделов)“ од Ивица Џепароски (Филозофски факултет).

Годинава, како што информираа од ДПМ нема да биде доделена наградата „Мост“ бидејќи на конкурсот се пријавиле две книги, а согласно Деловникот, потребни е да се пријават најмалку три дела за која било од наградите да биде конституирана жири-комисија и да биде избран победник. бак/

Фото: ДПМ

Остани поврзан