• недела, 22 декември 2024

„Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски добитник на наградата „Стале Попов“ на ДПМ

„Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски добитник на  наградата „Стале Попов“ на ДПМ

Скопје, 16 септември 2024 (МИА) - Романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски, во издание на Матица, е  добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга за 2023 година на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) кое денеска ги објави добитниците на традиционалните годишни награди за 2023.

 Претседателот на ДПМ Живко Гроздановски на прес-конференција соопшти дека наградата на ДПМ „Ацо Шопов“ за најдобра збирка поезија е доделена на делото „Коњски житија“ од Зоран Анчески во издание на „Арс ламина“. За таа награда одлучуваше жири комисија во состав Елена Пренџова, претседателка на комисијата и членовите Снежана Стојческа и Зоран Јакимовски. 

Наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади ја доби „Земјата на заборавените сказни“ од Билјана С. Црвенковска во издание на „Чудна шума“. Ова дело е напишано според идеја на Симон Трпчевски и Билјана С. Црвенковска, а илустрирано  од Оливер Коларески. Одлуката е на тричленото жири: Сузана Мицева, Наум Попески и Стево Симески.

„Птици во аквариум надреалзиам 1924-2024“  од Лидија Капушевска  Дракулекса и Влада Урошевиќ, во издание на „Полица“, пак, ја доби наградата „Димитар Митрев“ за 2023 година за најдобра книга, критика и есеистика  во избор на жирито во состав: Иван Додовски, претседател, и членовите Соња Стоименовска Елзесер и Елизабета Пандиловска.  

Од 14 пријавени дела за наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело во најтесен круг најтесен круг влегоа „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски, романот „Заборав“ на Томислав Османли  и збирката раскази „Вонземјанки“ од Влада Урошевиќ.

Гордана Јовиќ Стојкоска, претседателката на жири комисијата за наградата „Стале Попов“ рече дека „Ако се родат некакви чувста“ е роман за Гоце Дечев и неговата сакана Јанка Канчева, но е и многу повеќе од тоа -  роман за светот виден одеднаш низ времето и просторите. 

-Победничката книга ја добивме со еден глас повеќе од другиот.  „Ако се родат некакви чувства“ е  комплексен роман и старографска метафикција разгранета со барем две странични жарновски меандри, документаристика и фељтонистика. Во рамките на најшироката одредница дека „Ако се родат некакви чувства“ е роман за Гоце Делчев и неговата љубена Јанка Канчева Минески  цели минати и сегашни познати и непознати светови кои го воспоставуават чувството, припаѓањето, повторливоста на несакањето порано, сега и секогаш, овде и каде било на светот. Македонската фикција е искористена за универзална фикција, рече Јовиќ Стојкоска покрај која во жири комисијата членуваа и Оливера Ќорвезироска и Стефан Маркоски.

Употребувајќи првпат објавени сведоштва за тајните средби на Гоце и Јанка и за нивните интимни моменти, посочи претседателката на жирито, Миневски испишал нови страници за стари љубови, нови истории за стари вистини, но и обратно. 

ДПМ не ја додели наградата МОСТ која се доделува за најдобро дело напишано на јазик на националностите затоа што, како што образложи Гроздановски,  пристигниле само две дела, а за да се изврши избор се потребни три.

Наградите ќе бидат доделени на свечена церемонија задутре во 19 часот во просториите на ДПМ. лв/нд/

 

 

Остани поврзан