До крајот на идната недела се очекуваат резултати од анализата на материјата излеана во Дебарско Езеро
- Резултати од инспекцијата за излеаната темна материја во Дебарското Езеро би требало да има до крајот на наредната недела, по што ќе следува кривична постапка од обвинителството и надлежниот
Скопје, 2 април 2021 (МИА) – Резултати од инспекцијата за излеаната темна материја во Дебарското Езеро би требало да има до крајот на наредната недела, по што ќе следува кривична постапка од Обвинителството и надлежниот Суд. Има индиции дека се работи за мазут, а кога тоа ќе биде потврдено ќе биде откриен и виновникот, рече на прес-конференција Ана Петровска, директорка на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).
Таа очекува дека до наредниот четврток ќе ги имаат резултатите од анализата на земените примероци затоа што акредитираната лабораторија каде што таа се прави ќе продолжи да работи од понеделник, бидејќи повеќе вработени сега се во самоизолација.
Овој предмет ДИЖС и МВР, односно крим-техника од Дебар, минатата недела му го доставиле на Јавното обвинителство кое ќе постапува откако ќе бидат готови резултатите.
- Мострите беа земени од самото езеро и понатаму по каналот од каде што е излеана материјата возводно по шахтите и стигнато е до шахтата од каде што е направено излевањето. Значи, ние имаме веќе потенцијални виновници коишто испуштаат на таа шахта. Меѓутоа, треба да направиме поврзување на таа леплива црна материја со материјалите што ги користат тие загадувачи, за да докажеме дека материјата е мазут односно да кажеме дека мазутот го испуштил тој и тој. Натаму целиме, рече Петровска.
Доколку резултатите од анализата утврдат дека се работи за мазут, како што се сомневаат, со тоа практично, посочи Петровска, наредната недела ќе се знае и виновникот кој потоа ќе треба да направи санација на земјиштето и, веројатно, ќе се соочи со кривична пријава. Јавен обвинител ќе ангажира и вештак за животна средина за да утврди каква е штетата и кои мерки за рекултивација и санација треба да бидат преземени.
Во врска со нивото на водата во Дебарското Езеро, директорката на ДИЖС соопшти дека на барање на министерот за животна средина Насер Нуредини завчера извршиле надзор и утврдиле дека котата до која е спуштено езерото е на 2 метра и 64 см над минимално утврдената со дозволата.
- Има интересна ситуација – дозволата што е издадена од МЖСПП овозможува опсег на работа на хидроцентралата од 560 до 580 метри надморска висина, значи цели 20 метри варијација. Дали е истражено претходно дали со 560 метри надморска висина може да има еколошка штета или е само доделена дозвола на барање на ЕСМ, тоа не можам да го тврдам. Можеби е направено, можеби не. Но ние како инспекциски органи утврдивме дека, сепак, котата до која е спуштено езерото е на 2 метра и 64 сантиметри над минимално утврдената кота со дозволата. Мислам дека без оглед на тоа што тие се уште ги почитуваат одредбите на дозволата, исто како што Владата направи минатиот пат, тие можат сега да го забранат производството, рече Петровска.
На барање од АД „Водостопанство“, ДИЖС в понеделник ќе изврши надзор и на Тиквешко Езеро, бидејќи во Тиквешијата сега почнува вегетацискиот период, а со оглед дека земјоделството таму, рече, е многу важна гранка, зафатот на вода за наводнување е многу повисок од котата на езерото.
- Мислам дека ќе се соочиме со голем проблем при наводнување доколку нешто драстично не се смени. А ние сме ограничени да постапиме во тој дел - ако дозволата рекла дека тоа е дозволена кота, ние немаме можности да постапиме поинаку. Некој друг надлежен орган понатаму тоа ќе треба да го истражи и санкционира, додаде директорката на ДИЖС. хс/сп/