• петок, 20 декември 2024

Дојче веле: Баварија планира да тестира 13 милиони граѓани

Дојче веле: Баварија планира да тестира 13 милиони граѓани
Берлин, 29 јуни 2020 (МИА) - Владата на германската покраина Баварија планира да ги тестира сите граѓани на коронавирус, без разлика дали имаат симптоми, а под лупа се погоните за преработка на месо, објави Дојче веле. Министерката за здравство Мелани Хуми најави „офанзива на тестирање“, а тестирањата би требало да ги извршат лекари по општа медицина. Во фокус сепак ќе бидат најзагрозените - штитениците на домовите за стари и изнемоштени лица или пациентите кои се хоспитализирани, потоа луѓето кои работат на чувствителни и фреквентни места, како што се наставниците и воспитувачите. Во текот на изминатите денови треба да биде изработен детален план. Сите трошоци ќе ги преземе покраината, доколку здравствените осигурувања не ги покријат трошоците за тестирањето. Во Баварија е планирано да продолжи масовното тестирање на вработените во кланиците и погоните за преработка на месо, откако во кланицата „Тенис“, во западниот дел од земјата, изби најголемото жариште на Ковид-19 во Европа. - Сакаме да испитаме дали големото физичко оптоварување или работата на неповолни температури претставуваат дополнителни фактори на ризик за заразата, истакна Хуми. Во последните недели се тестирани 6.407 вработени во 51 кланица во Баварија и потврдени се 110 лица позитивни на коронавирусот, од кои дури 100 се од една кланица во округот Штраубинг-Боген, каде во текот на минатиот месец се појави жариште. гт/

Остани поврзан