• четврток, 04 декември 2025

„Донирај компјутер“ со донирани компјутери го опреми и училиштето на Борче, творецот на хуманитарната иницијатива 

„Донирај компјутер“ со донирани компјутери го опреми и училиштето на Борче, творецот на хуманитарната иницијатива 

Кавадарци, 24 септември 2025 (МИА) - „Донирај компјутер“ од Кавадарци со донирани компјутери го опреми и училиштето на Борче Стаменов, творецот на хуманитарната иницијатива. Заклучно со денешното донирање, како што потврди тој за МИА, се задоволени барањата за потребите на ова основно училиште во градот. 

- Кавадаречките училишта ги опремуваме постепено, така е и случајот со моето основно училиште „Тошо Велков - Пепето“. „Пепето“ го опремувавме етапно. Досега имаме донирано околу десетина уреди, а со денешната донација од кои 10 се преносни и 10 десктопи, го исполнивме барањето кое го доставија до нас. Вкупно 30 уреди, појасни тој. 

Прашан како се се чувствува што донира во своето училиште, во кое го започнал школувањето, рече дека чувството е убаво. 

- Од една страна, чувството да се помогне на заедницата и општеството е убаво, посебно кога тоа го правиш за училиштето каде и ти си го добил своето почетно образование и првата средба со компјутер. Од друга страна, малку паѓа тежина кога ја работиш работата која треба да ја работи државата. Но ете, нема да загледуваме на тоа, сепак, сите ние живееме во таа држава и чувството да се помогне на државата сепак е убаво, затоа што на овие копјутери ќе учат наши дечиња. Се надевам ќе знаат од каде дошла оваа опрема и некогаш во животот кога ќе биде потребно, a се надевам дека нема, и тие ќе знаат да помогнат, подвлече тој. 

„Донирај компјутер“ оваа година во декември ќе полни 9 години. Стаменов информираше дека за тоа време, собрани се околу 7.000 уреди, од кои до денес се донирани 3.700 компјутери на семејства, опремени биле со опрема 94 училишта, неколку доброволни противожарникарски друштва, стартап бизниси и неколку наши државни болници. Како што потсети, иницијативата започна откако на своето работно место поврзано со компјутери, се соочил со семејство што нема можност да обезбеди компјутер за своите деца, а имало потреба за наставниот процес. Така одлучил да организира собирна акција на половни комјутери што ги проверува и ги поправа ако треба, па ги донира секаде каде што е неопходно. 

Неговата иницијатива низ годините започнаа да ја следат и други волонтери. 

- Во кавадаречката работилница може да доаѓа кој сака, нормално со претходен договор. Имаме договор со нашето средно техничко училиште „Киро Спанџов Брко“ од каде ни доаѓаат околу триесетина ученика кои се поделени во две смени. Скопската работилница моментално е во мирување, но ќе ја активираме наскоро, сподели тој. 

Најдобрата работа кај „Донирај компјутер“ е, како што нагласи,  што немаат конкрентно зацртани цели и планови, па затоа, како што подвлече,  постигнуваат толку големи резултати. 

Стаменов и оваа иницијатива, досега имаат бројни награди во земјава и странство. Последно, им беше врачена државната награда за хуманост „Мајка Тереза“. свд/вј/


Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан