• вторник, 19 ноември 2024

Донев: Патот по кој треба да се движите е строго исполнување на сите критериуми и договори преземени пред ЕУ како целина

Донев: Патот по кој треба да се движите е строго исполнување на сите критериуми и договори преземени пред ЕУ како целина
Скопје, 29 октомври 2022 (МИА) – Внесувањето на Бугарите во преамбулата на Уставот на Република Северна Македонија е еден од условите кои земјата ги презема како обврска не само во билатералниот протокол од Договорот за добрососедство и соработка, туку со потпишувањето на т.н. „француски договор“. Тоа е обврска не само кон Бугарија, туку и кон сите останати земји членки на Европската унија, изјави денеска бугарскиот премиер Галaб Донев, одговарајќи на новинарски прашања по означувањето на почетокот со градба на источниот дел од железничкиот Коридор 8, секција Куманово - Бељаковце - Крива Паланка. Прашан дали Бугарија може да даде гаранции дека доколку се направат уставните измени нема да има повеќе нови блокади на европскиот пат, Донев рече дека патот за членство на Република Северна Македонија во Европската унија поминува низ потписот на апсолутно сите 27 земји членки на ЕУ. -  Затоа патот по кој треба да се движите е строго исполнување на сите критериуми и договори кои се преземени пред ЕУ како целина. Бугарија е дел од ЕУ и Бугарија ги постави своите услови, но условите кои се веќе утврдени од земјите членки на ЕУ се поддржани со потпис од сите 27 земји. Така што, тоа што е во договорот и тоа што треба да се исполни за да биде одржана правата меѓувладина конференција, која што го означува стартот на преговорите за членство во ЕУ, тоа е нешто кон кое треба да се стреми Република Северна Македонија, изјави Донев. Бугарскиот премиер, исто така, изрази благодарност до премиерот Ковачевски, оценувајќи дека Владата на Република Северна Македонија држи многу точна, јасна и европска позиција. -  Позиција што ќе ја изнесе Република Северна Македонија на вистинскиот пат за членство во ЕУ, кон еден свет со повеќе вредности и слободи и благосостојба, рече Донев. Денешниот пример за отпочнување на источниот дел од Коридорот 8, Донев рече дека, е дел од оние проекти и дејствија што треба да ги преземаат владите за да има многу подобар живот и тоа е примерот што треба да се следи. -  Се останато само пречи на нашиот пат кон заедничките вредности и добросостојбата на двата народа, нагласи Донев. Со членството во ЕУ, според Донев, обврските на земјата се прошируваат, исто како и правата и слободите на граѓаните. - Затоа има голем број договори, конвенции и Копенхашките критериуми кои треба да ги исполни секоја една држава, така што граѓаните на ЕУ ги уживаат еднакво исто сите права и обврски кои ги има секој еден граѓанин на ЕУ. Тоа е еден долг и сложен процес, но резултатот и изминатиот пат е еден подобар живот за граѓаните на земјата која станува членка на ЕУ. Едно подобро ниво на живот, подобра благосостојба, живот без граници меѓу државите, слободен проток на стоки и луѓе. Тоа се основните принципи кои си ги поставува ЕУ како цел, изјави Донев, по означувањето на почетокот на изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8. аа/ам/

Остани поврзан