Донација на компостери за училишта и јавни установи во Делчево
- Во рамки на проектот „Регионално управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион“ во Делчево се реализираше донација на компостери за компостирање на растителен отпад, со цел унапредување на еколошките практики и правилно управување со биоразградливиот отпад.
Делчево, 16 февруари 2026 (МИА) - Во рамки на проектот „Регионално управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион“ во Делчево се реализираше донација на компостери за компостирање на растителен отпад, со цел унапредување на еколошките практики и правилно управување со биоразградливиот отпад.
Компостерите се донација од компанијата Enviroplan, која е ангажирана како надзор во спроведувањето на проектот, а истите се распределени во две основни училишта, гимназијата, Здравствениот дом и детската градинка во Делчево.
Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, истакна дека ваквите активности имаат долгорочна корист за заедницата и придонесуваат кон подигање на еколошката свест, особено кај најмладите.
-Со оваа донација овозможуваме правилно управување со биоразградливиот отпад, намалување на количините отпад што завршуваат на депонија и создавање навики кај најмладите за грижа кон животната средина. Искрено сум благодарен за поддршката и верувам дека преку вакви чекори градиме еколошки свесна генерација и почиста општина- изјави Гоцевски.
Од Општина Делчево информираат дека поставувањето на компостерите е дел од пошироките активности за подобрување на системот за управување со отпад и промовирање одржливи еколошки решенија во јавните институции.
Преку вакви иницијативи, локалната самоуправа како што додадоа има за цел да го намали негативното влијание врз животната средина и да придонесе кон создавање поздрава и почиста средина за граѓаните. вс/
Фото: МИА