• недела, 22 декември 2024

Донатори обезбедија пијано за усовршување на музички таленти од Крива Паланка

Донатори обезбедија пијано за усовршување на музички таленти од Крива Паланка

Крива Паланка, 14 јануари 2024 (МИА) – Повеќе општествено-одговорни компании и лица се приклучија на иницијативата за набавка на дигитално пијано за усовршување на музички таленти на младите од Крива Паланка, обезбедија пијано - донација за професорката Лариса Жулина-Митовски која повеќе од две децении го развива музичкиот талент на дечињата од градот.

- Благодарност до сите општествено-одговорни компании кои ја препознаа потребата да се обезбеди дигитално пијано за непречено одвивање на часовите по музика за младите музичари од градот. Досега својата музичка наобразба со мене ја минале бројни таленти и постигнале значајни резултати на музички план со своите настапи на бројни национални и меѓународни натпревари. Има голем број ученици што продолжија во средното музичко училиште во Скопје, Штип или се надградуваат и градат музичка кариера на универзитетите по музичка уметност во државата и странство, вели за МИА, професорката Лариса Жулина Митовски.

Донираното пијано на професорката ќе и служи за непречено одвивање на музичката педагошка работа која, како што велат донаторите, се надеваат ќе продолжи да ги промовира младите музички таленти и во иднина.

- За мене ова е многу значајна донација, благодарам на овој извонреден гест од страна на донаторите во знак на поддршка на мојата посветена работа со децата уште од најмала возраст, музички да се едуцираат и ќе можат без проблем да вежбаат, настапуваат и да напредуваат во музиката. Ова е симболика која оддава признание на сѐ што досега сме постигнале заедно со учениците и обврска да продолжиме во ист ритам, рече Жулина-Митовски.

Меѓу донаторите се Центар за возила Крива Паланка, Фурна „Вардар“, „Лили Бјути Квин“, Мицевски Милорад, „Сики Пласт“, ТП „Мони 98“ и Фросина Спасовска. ид/цр

Фото: МИА

Остани поврзан