• вторник, 17 јуни 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Доналд Трамп Помладиот следната недела ќе ја посети Јужна Кореја

Доналд Трамп Помладиот следната недела ќе ја посети Јужна Кореја

Сеул, 23 април 2025 (МИА) - Најстариот син на американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја посети Јужна Кореја следната недела, во екот на трговската војна со САД и во време на политичка нестабилност во Сеул, изјави портпаролот на јужнокорејскиот конгломерат и малопродажниот гигант Shinsegae.

Се уште не е познат точниот датум на посетата.

Јужнокорејските медиуми објавија дека посетата била на покана на претседателот на Шинсегае Чунг Јеон-Џин, кој е близок со Трамп Помладиот.

Според извештаите во јужнокорејските медиуми, двајцата првпат се сретнале во 2015 година и споделуваат заеднички вредности, вклучително и христијанската вера.

Посетата на Трамп Помладиот следната недела ќе се одржи во позадина на воведувањето на глобалните царини од 10 отсто од Вашингтон, како и стапката од 25 отсто за увоз на автомобили и челик во САД, кои во моментов се одложени за 90 дена.

Јужна Кореја, исто така, доживува политички превирања откако Уставниот суд го потврди импичментот на претседателот Јун Сук-Јол на 4 април, четири месеци по неговиот катастрофален обид да воведе воена состојба. Претседателските избори во земјата се закажани за 3 јуни.

Утре министрите за финансии и трговија на Јужна Кореја ќе одржат официјални трговски разговори во Вашингтон.

Министерот за надворешни работи Чо Тае-Јул истакна дека неговата земја „нема намера предвреме да ги заврши овие преговори“.

Претходно денеска тој рече дека иако темата за споделување на трошоците на 28.500 американски војници стационирани во Јужна Кореја за да ја заштитат од Северот не е официјално на дневен ред на утрешните разговори, Сеул ќе остане отворен да ги слушне позициите на Доналд Трамп доколку тој одлучи да зборува за ова прашање.

Американскиот претседател предложи прашањето да биде дел од сеопфатните преговори со Сеул. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан