Домот за стари лица во Куманово го одбележа Меѓународниот ден на старите лица
- Со пригодна програма, дружење и посети од ученици, волонтери и граѓани, Домот за стари лица во Куманово денеска го одбележа Меѓународниот ден на старите лица.
Куманово, 1 октомври 2025 (МИА) - Со пригодна програма, дружење и посети од ученици, волонтери и граѓани, Домот за стари лица во Куманово денеска го одбележа Меѓународниот ден на старите лица.
Во присуство на посетители и корисници, директорот на установата, Дејан Стојановски, упати порака на благодарност и почит кон повозрасните граѓани.
- Нашиот дом со капацитет од над 160 жители не е само установа – тој е едно големо семејство. Тука се собираат животни приказни, спомени и вредности кои не треба да се заборават. Нашите жители, корисници на услугите на Домот се темелот врз кој почива општеството. Во нивната младост и труд ја изградија и заедницата во која живееме денес. Нашата мисија како тим е да се грижиме не само за здравјето и безбедноста, туку и за нивното достоинство, среќа и секојдневна радост. Денеска ја изразуваме нашата благодарност и почит – за сите нивни жртви, за љубовта што ја давале, за мудроста што несебично ја пренесуваат. Како Дом и институција се заблагодаруваме на вработените – луѓето кои со посветеност и љубов ја вршат својата работа, често далеку повеќе од професионална обврска, изјави Стојановски.

„Зафир Сајто“ го посетија ученици од кумановски основни училишта, и волонтери од Црвен Крст Куманово. Основна цел е да се подигне свеста за важноста на старите лица во општеството, да се укаже на нивните права, придонес и потреби, но и да се промовира подобра социјална и здравствена заштита.
- Овој ден нека не биде само свеченост, туку и потсетник за сите нас дека староста треба да се доживува достоинствено, со внимание, грижа и почит. Благодарение вработените, овој дом не е само институција, туку место каде што има топлина и човечност вели Стојановски. ам/дма/
Фото: Дом за стари лица