• понеделник, 23 декември 2024

Документарецот за македонското село Слоештица на уметнички фестивал во Јапонија

Документарецот за македонското село Слоештица на уметнички фестивал во Јапонија

Скопје, 17 октомври 2023 (МИА) -  Филмот за македонското село Слоештица кој е посветен на Ѓука и сите жени од Слоештица, оваа година е селектиран да биде дел од програмата на уметничкиот фестивал „Tiny Art Festival - SANYA“ во Јапонија, кој оваа година гочествува својот 20 - годишен јубилеј.

Како што наведуваат од соопштението, во периодот од 14-ти октомври до 15-ти декември, приказната за македонското село што полека исчезнува, за тутунот, печурките, валавиците, животните, пиперките, за животот и за смртта, богато илустриран со автентична музика од македонски автори и изведувачи, ќе се прикажува на четири различни сцени што се дел од фестивалската поставка.

-Се гордееме со успесите на сите уметници што биле наши гости, а сега се дел од големото семејство на културни амбасадори за Македонија на АРТ ПОИНТ – ГУМНО. Еве, дојде ред, за нашата Слојштица и Слојчани (буквално за „последните селани“ на Петре) да се прикажува и во Јапонија. Сепак, не можам да ја скријам и тагата што ме обзема поради фактот што сите овие преубави уметнички креации што го обиколуваат светот се инспирирани од една вистинска приказна што полека, но сигурно, исчезнува. Понекогаш си мислам дека сите тие се реквием за сето она што ние, СИТЕ НИЕ, не успеавме да го сочуваме – нашиот идентитет! Дај Боже да грешам!,  вели Ирена Андреевска, една од основачите и претседател на АРТ ПОИНТ – ГУМНО.

Елизабет Рос е една од најпроминентните мексикански уметници воопшто. Како што самата за себе вели: „таа е номад, но пред се мексикански уметник, ткајачка на средби, кураторка и исцелителка што од 1976 година постојано се бара и секогаш повторно се пронаоѓа себеси. Врзана е за уметноста и на тој начин избегнува бродоломи. Сè што знае и доаѓа по интуиција и од тврдоглавост, преку потреба и желба, потрага и откривање. Нејзиниот пат, преку сложените патишта на керамиката, ја навел да се закотви во примитивната едноставност но и во дигиталните технологии кои се можност за манипулирање со соништата...“

Преокупирана со повеќеслојното потекло на својот и со идентитетот на другите, Рос беше поканета на шестнеделен резиденцијален престој во АРТ ПОИНТ – ГУМНО, во Слоештица во август и септември 2010-тата година. За време на престојот, освен филмот “slow life” таа паралелно работеше и на неколку други проекти (сликање, инсталации, ритуален перформанс и сл.).

Овој културен настан е специфичен, бидејќи се организира во еден дел од Токио што историски, од „населба на отфрлените“ прераснува во „населба на благосостојбата“ со свој специфичен културен диверзитет поради фактот што во неа, главно, живеат странци.

Странците се и организатори на овој мултимедијален фестивал чија главна цел е, преку културни настани, „да фрли нова светлина“ на нив  во срцето на Јапонија. љм/дма/

Фото: Tiny Art Festival - SANYA

 

Остани поврзан