Доксологија - молитва за татковината во Бигорски
- Во рамки на Илинденските чествувања во познатиот Бигорски манастир, беше извршен и чинот на доксологија - молитва за татковината.
Дебар, 2 август 2023 (МИА) - Во рамки на Илинденските чествувања во познатиот Бигорски манастир, беше извршен и чинот на доксологија - молитва за татковината.
-Според востановената традиција беше извршен чинот на Доксологија (Славословие), во кој се принесуваат молитви за вечен спомен и блажено упокоение на сите кои се бореле и паднале во светите борби за верата и Татковината, особено во Илинденското востание, информираа од Бигорскиот манастир.
Ова е востановена традиција токму од игуменот на манастирот епископот Антаниски г. Партениј.
Претходно, традиционално како и секоја година, во славното мијачко село Лазарополе владиката Партениј, отслужи Божествената Евхаристија, а пак, лазоровците со особена љубов и гостопримство го пречекаа.
-Тоа село изнедрило големи црковни великани, општествени дејци, просветители и уметници. Бројноста на присутните во храмот изненадува и потсетува на старите времиња на Преродбата кога животот во селото цутел и плодоносел. Грижливиот дух на нашиот Старец за зачувување на христијанските вредности, особено на семејните, коишто славните предци особено ги негувале, гореше со ревност и затоа неговата празнична беседа на Светата Литургија беше исполнета со силен божествен копнеж за нивно заживување, посочуваат од Бигорски.
Богослужението беше збогатено и разубавено од прекрасните гласови на црковниот византиски хор „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, кој со несебична пожртвуваност и ентузијазам се трудат во тоа богоугодно рамноангелско дело. вт/лв/
ФОТО : Бигорски манастир