• среда, 26 март 2025

Додик се закани: Изборите во РС ќе ги организира ентитетскиот ЦИК

Додик се закани: Изборите во РС ќе ги организира ентитетскиот ЦИК

Бања Лука, 24 март 2025 (МИА) - Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, денеска во Бања Лука им се обрати на новинарите, зборувајќи за актуелниот политички момент во овој ентитет и во Босна и Херцеговина.

Тој истакна дека Република Српска ја започнува неделата со редовни активности, пред сè преку седницата на Народното собрание на РС (НСРС), каде на дневен ред ќе биде зголемувањето на примањата за буџетските корисници во износ од 223 милиони КМ. Ова се однесува на полицијата, образованието, здравството, јавната администрација и правосудството, при што зголемувањето од 10 отсто ќе биде линеарно, согласно дадените ветувања.

Додик нагласи дека РС покажува способност да ги исполнува своите редовни обврски, додавајќи дека нема безбедносни предизвици и дека граѓаните треба да се чувствуваат сигурно и стабилно. „Редовно ги исплаќаме платите, го контролираме финансискиот систем и обезбедивме финансиска поддршка за РС оваа година“, рече тој.

Тој повтори дека односите меѓу РС и органите на ниво на БиХ остануваат замрзнати, нагласувајќи дека се следи спроведувањето на законите за забрана на дејствување на Судот, Обвинителството, СИПА и Високиот судски и обвинителен совет  на територијата на РС, бидејќи, според него, тие не се уставни органи и треба да исчезнат од РС. Додик го критикуваше и Уставниот суд на БиХ, нарекувајќи го нелегитимен поради „сомнителни судии“ постари од 70 години, чии одлуки, според него, не се уставни.

Тој обвини дека РС е нападната од „муслиманскиот национализам од Сараево“, кој преку судскиот систем сака да ја покори Република Српска и да владее со БиХ. - Обвинителите се под влијание на сараевската криминална чаршија, а ова е завршен чин за да се завладее со РС, рече Додик, додавајќи дека РС нема да дозволи да ѝ се суди во Сараево.

За институциите на БиХ, тој оцени дека се во сериозна криза, додека опозицијата во РС ја обвини за сервилност кон Сараево, што според него води кон предавство. За европскиот пат, Додик изјави дека РС веќе две-три години нема корист од европските процеси и дека ЕУ е во криза, поради што РС треба добро да размисли за своите следни чекори.

На крај, тој најави дека изборите за претседател на РС ќе ги организира ентитетската изборна комисија (ЦИК), заканувајќи се со оваа одлука. ссм/

фото: архива

Остани поврзан