Доделувањето на наградите „Сезар“ вечерва во Париз
- И покрај 10-те номинации за филмот „Нов бран“, добитниците на „Сезар“, се чини, годинава се непредвидливи, особено поради „нејасниот успех“ на благајните, според тамошните критичари и медиумите.
Париз, 26 февруари 2026 (МИА) - Во француската престолнина вечерва ќе се одржи доделувањето на наградите „Сезар“ за врвни достигнувања во француската кинематографија за изминатата година. Во тој поглед, и покрај 10-те номинации за филмот „Нов бран“ (Nouvelle Vague) на американскиот режисер Ричард Линклејтер, добитниците на „Сезар“, се чини, годинава се непредвидливи, особено поради „нејасниот успех во домашните киносали“, т.е. на благајните, според тамошните критичари и медиумите.
Пренесувајќи ги гледачите зад сцените на легендарната драма „До последниот здив“ на Жан-Лук Годар, со новиот црно-бел игран филм Американецот ја одразува својата љубов кон движењето што ја револуционизира кинематографијата кон крајот на 50-тите и следните 60-ти.
Остварувањето ќе се соочи со „Приврзаност“ (L'attachement) на Французинката Карин Тардје - драма за жена што се зближува со својот сосед и неговите деца; потоа криминалистичкиот „Досие 137“ (Dossier 137) на Доминик Мол, кој раскажува за истрага за полициска бруталност; „Најмалата сестра“ (La petite dernière) - младешка драма на Афсија Ерзи за муслиманка растргната меѓу верата и својата привлечност кон жените; и „Обичнa случајна несреќа“ (на персиски: Yek tasadof-e sadeh) - на иранскиот режисер и сценарист Џафар Панахи, и манифест против бруталноста и насилството, снимен тајно во Исламската Република, Иран, и награден со „Златна палма“ на Канскиот филмски фестивал.
Овие пет приказни ќе се натпреваруваат за наградата за најдобар филм на 51. доделување. Се врачуваат и одличја за глума, режија, сценарио, за техничките категории (сценографија, монтажа, звук итн.), дебитант и најдобар странски филм. Домаќин на свеченоста ќе биде Бенжамин Лаверн, а ќе се одржи во салата „Олимпија“ во Париз. си/сд/
Фото: Јутјуб.