• петок, 10 мај 2024

Доделени 206 договори на земјоделци за новата мерка „Бизнис план во земјоделството“ (ДПЛ)

Доделени 206 договори на земјоделци за новата мерка „Бизнис план во земјоделството“ (ДПЛ)

Скопје, 15 декември 2023 (МИА) - Во Скопје денеска беа доделени 206 договори на земјоделците за новата мерка „Бизнис план во земјоделството“. Договорите, кои се дел од Програмата за рурален развој за 2023 година, се во форма на кофинансирање во висина до 10.000 евра по корисник. Одобрените 206 барања за грант се со вкупна сума од 86.000.000 денари или 1.5 милиони евра. 

Премиерот Димитар Ковачевски, кој се обрати на настанот, истакна дека стабилна и успешна држава е онаа која се потпира на сопствените ресурси. Потенцира дека токму земјоделците се тие кои овозможуваат нашата држава да се потпре на сопствените ресурси и да ги искористиме сите потенцијали и ресурси во корист на државата и граѓаните.

-Земјоделците со ова имаат можност да набават земјоделска опрема, како пчеларска опрема, силоси, опрема за објекти за производство за на храна од животинско или неживотиснко потекло, комбајни и широка лепеза на друг тип опрема, со која сме во чекор со потребите и современите светски трендови. Задоволни сме од огромниот интерес за оваа мерка наменета за нашите земјоделци која претставува додадена вредност на нивното производство. Целта на секоја држава е да произведе повеќе домашна храна. Затоа ставивме силен фокус на зголемување на домашното производство на земјоделски производи и храна преку конкретни мерки од кои придобивки имаат и земјоделците, меѓутоа и граѓаните, рече Ковачевски.

Потенцира дека Владата има преземено низа мерки за субвенции и за поддршка на домашното производство на храна со цел, како што рече, да го одржиме растот на економијата и полесно да се справиме со предизвиците од светската економска и енергетска криза.

-Современо и европско земјоделство е нашата цел. Влезот во ЕУ значи нови можности за земјоделците и повеќе средства за поддршка на земјоделското производство. Влогот денеска е бенефит утре, рече премиерот Ковачевски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски истакна дека од 206 договори, 115 се за жени земјоделки носители на земјоделски стопанства, а 121 апликација се одобрени за млади земјоделци (мажи и жени на возраст до 40 години).

-Значи, 121 млад човек ќе се потпише, а од 206 договори исто 121 се жени, така што фокусот којшто го ставаме на младите и жените еве се потврдува со докази и со факти дека тие се заинтересирани, дека агросекторот расте и дека се подмладува и дека жените се се’ повеќе заинтересирани за земјоделското производство, рече, меѓу другото, Никоиловски.

Николовски соопшти дека како Министерство креирале нова програма за поддршка на малите производители на храна од животинско и неживотинско потекло со грант до 10.000 евра. Потенцира дека ја продолжуваат програмата за поддршка на малите семејни винарии со грант до 10.000 евра, надоградувајќи ја, за прв пат, со поддршка и за малите дестилерии со грант до 5000 евра.

-Иако нови, интересот за овие програми беше голем, а тоа го потврдуваат и бројките. За само една година, поддржавме над 250 мали производители на храна и пијалоци или заедно со денешните 206 договори за Бизнис План, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство додели над 450 договори за модернизација на земјоделските стопанства од целата држава, рече Николовски.

Министерот нагласи дека уште една друга значајна поддршка реализирана за земјоделците е новиот Закон за советодавни услуги, со кој, како што посочи, се заокружува финансиската поддршка.

-Со новиот Закон, земјоделците ќе добиваат и стручни совети за да можат уште повеќе да го унапредуваат своето производство. Ова е нова можност за професионализација на советодавните услуги преку која на земјоделците директно ќе им се доближат знаењето, вештините и искуствата за најновите практики и технологии што се применуваат во земјоделското производство, а кои директно ќе влијаат на зголемено, одржливо и конкурентно земјоделско производство, по европски терк, рече тој.

Земјоделецот Васко Неделковски од општина Могила истакна дека од земјоделието се живее и упати благодарност до Владата за поддршката што ја добиваат.

-Од земјоделието може да се живее, но треба работа. Благодарност за поддршката што ја имаме од Владата. Тешко е земјоделието. Конкретно произведувам пченица, сончоглед, пченка, полјоделски култури. Многу тешко остануваат финансиски средства оти трошоците се многу високи, ѓубрива и сл., а цената оваа година беше многу ниска што веќе не е исплатливо. Сепак, благодарност на Владата за поддршката што ја добиваме. Со работници многу тешко – повеќе се обидувам семејно да ја завршиме работата, кој колку ќе помогне, рече Неделковски. фф/

Фото: Влада и МЗШВ

Остани поврзан