• недела, 22 декември 2024

Доделени „Осмооктомвриските" награда и признанија на Општина Крива Паланка

Доделени „Осмооктомвриските

Крива Паланка, 8 октомври 2024 (МИА) - На свечена академија по повод денот на ослободувањето на градот, 8 Октомври, Општина Крива Паланка денеска ги врачи највисоката награда на градот и признанијата за промоција и афирмација на општината во национални и меѓународни рамки.

Кривопаланчанецот Срѓан Захариевски, поранешен фудбалски репрезентативец и актуелен тренер на прволигашот Вардар, се закити со годинашната награда „9 Октомври", за посебни заслуги во промоција и афирмација на неговата родна Крива Паланка.

Главното „Осмооктомвриско“ признание на Општина Крива Паланка за промоција и унапредување на општината му беше доделено на проф. др. Николај Влканов, основач и директор на „Булмак 2016", како најголем работодавач на подрачјето на општината, фирмата концесионер на рудникот за олово и цинк, „Тораница" што вработува околу 350 луѓе.

На свечената академија признанија им беа доделени на повеќе истакнати доктори, општествени работници, спортски работници и хуманисти, а премиерно беше промовирана и новата песна - химна на градот, „Моја Крива Паланка", изработена од Дац и Александар Митевски, испеана заедно со староградското друштво „Распеани паланчани".

Претходно, на споменикот на борците од НОБ пред зградата на локалната самоуправа на Општина Крива Паланка, во знак на одбележување на големиот јубилеј „80 години слободна Крива Паланка", цвеќе положија повеќе од 40 делегации од амбасади во Република Северна Македонија, државни и локални институции, градоначалници на општини од државата и од збратимените градови од Србија, Хрватска, Словачка, Украина. иб/

Фото: МИА 

Остани поврзан