Доделени наградите од Главната вечер на Струмичкиот карневал
- Организацискиот одбор на Струмичкиот карневал вечерва им ги додели наградите на најдобрите маски кои учествуваа на Главната карневалска вечер што се одржа во саботата
Струмица, 24 февруари 2026 (МИА) - Организацискиот одбор на Струмичкиот карневал вечерва им ги додели наградите на најдобрите маски кои учествуваа на Главната карневалска вечер што се одржа во саботата.
Дипломи им беа доделени на повеќе образовни установи од општината и регионот кои со свои маски учествуваа на Детскиот карневал.
Претседателката на Организацискиот одбор, Танкица Стојанова, истакна дека на годинашниот карневал имало многу успешни маски и сите заслужуваат да го освојат првото место.

На доделувањето на наградите беше соопштено дека на Струмичкиот карневал ќе се доделува наградата Бранко Достинов, во чест и сеќавање на еден од најголемите поддржувачи и долгогодишен учесник на манифестацијата.
По доделувањето на наградите се одржа Карневалско корзо. Дел од учесниците на Главната карневалска вечерва продефилираа по улицата на некогашното корзо до Старата чаршија во Струмица.
Осумдневните карневалски празнувања завршуваат утре со организирање на традиционалниот Тримерски ручек по повод празникот на армасаните (верените) девојки и враќање на клучот на градот од страна на карневалистите на градоначалникот на Струмица, Петар Јанков. рт/дма/
Фото: МИА