ДИЦ: Државна матура ќе полагаат 15 620 ученици
- Оваа учебна година за државната матура се пријавиле 15.620 ученици. Од нив 6.750 од гимназиско образование, 8.598 од средно стручно образование и 272 од средно уметничко образование, информираат од Државниот испитен центар (ДИЦ).
Скопје, 26 мај 2023 (МИА) - Оваа учебна година за државната матура се пријавиле 15 620 ученици. Од нив 6 750 од гимназиско образование, 8 598 од средно стручно образование и 272 од средно уметничко образование, информираат од Државниот испитен центар (ДИЦ).
Согласно Концепцијата за матура и за завршен испит во средното образование со четиригодишно траење учениците екстерно полагаат два предмети, два интерно и проектна задача. Задолжителен испит за сите е мајчиниот јазик.
Првиот екстерен предмет, мајчиниот јазик, се реализира утре.
Македонски јазик и литература ќе полагаат 10.768 кандидати, албански јазик и литература 4.380, а 357 турски јазик и литература.
На 10 јуни во сите средни училишта ќе се полага вториот екстерен предмет. Матурантите од гимназиско образование и од средно стручно образование избираат помеѓу странски јазик и математика, а од музичките училишта помеѓу естетика и странски јазик, а од средното уметничко училиште помеѓу филозофија и странски јазик.
-Како и секоја и оваа година најмногу матуранти избрале да полагаат англиски јазик и тоа 13.922. Бројот на кандидати кои се пријавиле да ги полагаат останатите странски јазици е многу помал. Француски јазик ќе полагаат 29 кандидати, Германски јазик 122, а Руски јазик само 17 кандидати. Математика оваа година ќе полагаат 1.397 кандидати, Филозофија 7 и Естетика 81 кандидат, информираат од ДИЦ.
Оттаму посочуваат дека испитниот материјал се доставува во училиштата и се враќа во ДИЦ истиот ден кога се реализира испитот. Сите испити почнуваат во 10 часот.
-Во процесот на реализација на матурата во училиштата се ангажирани и 2.107 наставници како тестатори и околу 200 набљудувачи од повеќе образовни институции. На сите матуранти им посакуваме успешно да ги положат испитите, се наведува во соопштението од Државниот испитен центар. дма/лв/
МИА:Фото архива