• среда, 29 јануари 2025

Директор на Музејот на Аушвиц: Историјата е знаење, но спомените се свест

Директор на Музејот на Аушвиц: Историјата е знаење, но спомените се свест

Краков, 27 јануари 2025 (МИА) - На одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на логорот Аушвиц-Биркенау, директорот на Музејот на Аушвиц, Пјотр М. А. Цивињски, се обрати со емотивна порака за значењето на спомените и нивната улога во нашиот идентитет и иднината.

- Кога бев дете, зборував како дете, се чувствував како дете и размислував како дете. Но кога станав возрасен, ги оставив детските работи зад себе. Освен спомените. Спомените остануваат. Дури и од најраните искуства во нашиот живот, рече Цивињски, нагласувајќи дека токму спомените се клучни за зрелоста и разбирањето на минатото.

Во своето обраќање тој нагласи дека историјата и спомените се различни концепти:
„Историјата е знаење на фактите, спомените се свеста за тие факти, што е токму она што ни е очајно потребно денес. Историјата не создава траума. Спомените можат да го направат тоа“.

Цивињски упати порака и до новите генерации: - Секоја генерација треба леќа низ која ќе го оцени своето време. Денес, стоиме заедно, гледајќи го светот низ леќата на зрелоста. Мора да се запрашаме: што направивме со спомените?“

Спомените, според него, не се само дел од културата, туку и основа на идентитетот. Тој истакна дека без спомени, не можеме да ја разбереме историјата, ниту да ја изградиме иднината.

„Ако денес се чувствувате несигурно или немоќно, ако мислите дека не можете да продолжите, знајте дека границите се само имагинарни. Секогаш можеме повеќе. Направете нешто добро – за другите и за себе,“ повика Цивињски, додавајќи дека дејствувањето е клуч за ослободување од апатијата.

Цивињски ја заврши својата порака со зборови за преживеаните: Нашите спомени се обликувани од вашите искуства, плодот на вашите животи. Нема зборови за да ја изразиме длабочината на нашата благодарност.

Пред него, на комеморацијата се обратија и четворица преживеани Мариан Турски, Јанина Иванска, Това Фредман и Леон Вајнтрауб.

Турски ја преживеал младешката траума од Лоџ гетото, а подоцна бил депортиран во Аушвиц, каде неговиот брат и татко биле убиени. Преживеал два „марша на смртта“ и оттогаш неуморно работи на зачувување на историјата, вклучувајќи го и формирањето на Музејот на историјата на полските Евреи во Варшава.

- Апсолутно е разбирливо, па дури и очигледно, дека луѓето, медиумите, се обраќаат на нас, оние што преживеавме, за да ги споделиме нашите сеќавања. Но, сега нè има само малкумина. Речиси никој, потенцираше Турски.

Тој прочита дел од писмо напишано од поетеса, убиена во логорот, кое гласи:
„Одам на едно многу посебно место, станица која е непозната, бидејќи не постои на ниту една карта. Небото над станицата виси како огромен црн капак“.

Јанина Иванска (94), сведочеше за хорорите што ги преживеала во Аушвиц-Биркенау. „Нацистите создадоа вистинска машина за убивање“, истакнува таа, потсетувајќи на трагедијата на 21.000 Роми и Синти убиени во логорот. Таа го спомна злогласниот доктор Јозеф Менгеле, познат како „Ангелот на смртта“, кој во една ноќ ги испратил сите преживеани Роми во гасните комори затоа што повеќе не му биле потребни за неговите морничави експерименти.

Иванска исто така се присети на Варшавското востание од 1944 година, кога во нејзиниот роден град, Варшава, за само шест дена беа убиени 50.000 луѓе. „Денес го славиме ослободувањето,“ рече таа, „но само 5-10 отсто од затворениците беа ослободени. Останатите беа принудени на маршеви на смртта“.

Това Фридман, 86-годишна преживеана од Аушвиц посочи дека 27 јануари го смета за свој „втор роденден“. - Некои мои пријатели и не знаат дека имам редовен роденден, бидејќи овој ден е тоа што навистина значи, вели Фридман. Таа додава: Тука сум за да ги претставувам сеќавањата на децата кои не преживеаја и за да прогласиме и ветиме дека никогаш, никогаш повеќе нема да дозволиме историјата да се повтори.

Фридман, која имала само шест години кога била ослободена од логорот, се присети на моментот кога гледала како сите деца од работничкиот логор биле „собрани и испратени во смрт“. „Си помислив, дали сум единственото еврејско дете што остана живо?“ раскажува таа.

Таа го опиша патот до Аушвиц во преполни вагонети, кога нејзиниот татко бил одвоен од неа и нејзината мајка. - Последен пат го видов татко ми како плаче, тоа беше прв и последен пат, вели Фридман. - Цврсто ја држев раката на мајка ми во темниот вагон, додека криковите и молитвите на очајните жени ја исполнуваа мојата душа и ме прогонуваат до денес, сведочи Фридман. - Мислев дека е нормално што мораш да умреш...ако си еврејско дете мораш да умреш. Смртта беше нормална мисла, продолжува Това Фридман. - Во тоа време, вели таа, „ние бевме жртви во морален вакуум“.

Леон Вајнтрауб се присети на неговото пристигнување во Аушвиц-Биркенау: - Бевме лишени од целата наша човечност. Тој раскажа дека неговата мајка и тетка биле убиени во гасна комора, а по неколку недели, бил селектиран за група затвореници кои работеле надвор од логорот, што му овозможило да побегне.

Во 1945 година, по тридневен марш на смртта, бил префрлен во друг логор, каде што бил ослободен од француски војници и хоспитализиран. Вајнтрауб нагласи дека Аушвиц претставува симбол на невидена суровост, местото каде првпат биле воведени техники на масовно и индустриско убиство.

Говорејќи за денешните поделби во светот, тој ги повика „сите луѓе со добра волја,“ особено младите, да бидат „чувствителни на секој израз на нетолеранција и омраза кон различните.“ Вајнтрауб предупреди дека во дигиталниот свет е тешко да се разликуваат сериозните ставови на нетолеранција од оние кои се само за популарност, но додаде: „Ние, преживеаните, ги разбираме последиците.“

Тој побара од присутните да застанат за момент на размислување, додека се прикажуваше слајдшоу, придружено со музичко дело од полскиот еврејски композитор Шимон Лакс. ссм/

Фото: принтскрин/ЕПА

 

 

Остани поврзан