Директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов на средба со претседателот на „АПИ НОРДЕСТ“ Мунир Шемши (КРГ)
- Директорот на Агенцијата за дијаспора, Горан Ангелов остварил средба со претставници на македонската дијаспора во Италија, предводени од претседателот на италијанско-македонската стопанска комора „АПИ НОРДЕСТ“ Мунир Шемши.

Дебар, 27 март 2025 (МИА) – Директорот на Агенцијата за дијаспора, Горан Ангелов остварил средба со претставници на македонската дијаспора во Италија, предводени од претседателот на италијанско-македонската стопанска комора „АПИ НОРДЕСТ“ Мунир Шемши.
На средбата, како што објави на Фејбук Шемши, присуствувале и координаторката Билјана Костова и генералниот конзул Фросина Ременски а станало збор за состојбата на македонската заедница во Италија, интеграцијата, зајакнувањето на културните и економските врски меѓу двете земји и важноста од сѐ посилна соработка меѓу двете земји.
-Разговаравме за можностите за соработка меѓу македонските и италијанските претприемачи, со цел создавање нови бизнис мрежи, промовирање на културните и образовните вредности. Важен фокус беше даден и на видливоста на македонската заедница во Италија, со цел зголемување на препознавањето на нашиот придонес во италијанскиот економски и социјален пејзаж. Исто така разменивме мислења и околу правните и бирократски предизвици со кои се соочува нашата заедница а ја разгледавме и можноста за стимулирање на меѓусебниот туризам и зајакнување на врските меѓу двете нации, стои во објавата.
Нагласена била важната улога на италијанските и македонските институции во обезбедувањето континуиран дијалог кој овозможува подобрување на условите на македонската дијаспора во Италија.
-Од срце благодарност до Агенцијата за иселеништво и Генералниот конзулат на Македонија за трудот и постојаната соработка. Споредбата и соработката се клучни за заедничко соочување со предизвиците на нашата заедница и промовирање на дијалогот и интеграцијата меѓу двете земји, со цел сите заедно да изградиме подобра иднина, напиша Шемши.
На средбата оддадена била почит кон загинатите во трагедијата во Кочани, посакувајќи побрзо закрепнување на повредените и вакви трагедии никогаш да не се повторат.
Мунир Шемши е познат стопанственик и филантроп, по потекло е од селото Коџаџик, општина Центар Жупа, кој повеќе од три децении живее и работи во Италија. вт/
Фото: Мунир Шемши ФБ