• недела, 01 декември 2024

Димитријевиќ: Лидерска средба е неопходна, граѓаните сакаат порака од политичарите дека државата е стабилна и безбедна

Димитријевиќ: Лидерска средба е неопходна, граѓаните сакаат порака од политичарите дека државата е стабилна и безбедна

Скопје, 30 ноември 2024


Граѓаните сакаат да ги видат политичарите заедно на маса, сите лидери на парламентарните партии, и заеднички да испратиме една порака каде што ќе наведеме дека Македонија останува стабилна држава и дека сме посветени на мирот и на соживот, порача генералниот секретар на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Александар Димитријевиќ, во вечерашната „Тема на денот“ на телевизија Сител.

Димитријевиќ нагласи дека во моментов е потребна лидерска средба од којашто ќе излезат јасни пораки за безбедноста на државата.

„Видовме што се случуваше низ улиците и низ целата држава. Лидерската средба пред сè треба да прати неколку пораки, тоа се пораки на мир и на стабилност, да испратиме порака дека државата е стабилна. Граѓаните сакаат да ги видат политичарите заедно на маса, сите лидери на парламентарните партии, сите заедно да испратиме една порака каде што ќе наведеме дека Македонија останува стабилна држава и дека сме посветени на мирот и на соживот. Ја видов реакцијата на премиерот Мицкоски дека размислува, се надевам дека ќе размисли убаво и дека ќе има лидерска средба, бидејќи на државата во моментов и треба една лидерска средба со јасни пораки кон граѓаните да бидат смирени во делот на настаните коишто се случуваа“, рече Димитријевиќ.

Во однос на ставовите на премиерот Мицкоски за дестабилизација на државата, Димитријевиќ посочи дека не треба да се влегува во приказната за дестабилизација, но дека СДСМ изминатиот период континуирано алармираше на нестабилност и насилство на улиците.

„Сите теми поврзани со дестабилизација и се тоа што премиерот го говореше поврзано со тоа во изминатите месеци и сето тоа што ние како СДСМ го говоревме дека има нестабилност на улиците и дека на улиците низ главниот град секој ден има насилство, кулминираше пред некој ден. Токму од тие причини за да не го спомнуваме зборот дестабилизација и за да не влеземе во една таква приказна, повикуваме на лидерска средба на којашто јасно пред граѓаните сите лидери на политичките партии ќе излезат со ставот дека продолжуваме понатаму да го градиме соживотот и дека Македонија е една стабилна држава“, порача генералниот секретар на СДСМ, Александар Димтиријевиќ.

Во следниот период на дело ќе покажеме што значи новото раководство на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и што значи новата енергија на СДСМ, порача Димитријевиќ.

Димитријевиќ посочи дека со изборот на партиското раководство и успешниот Конгрес на СДСМ, консолидацијата на партијата е во завршна фаза. Она што сега следи како што рече Димитријевиќ, е активна комуникација и средби со општинските организации а СДСМ во државата.

„Во следниот период ќе се спуштиме долу во општинските организации и ќе ги посетиме. Сите имаме јасен план како тоа треба да изгледа и кои пораки треба да ги пратиме кон членството. Имаме јасна визија, сè што ќе слушнеме ќе примениме, бидејќи тоа ни се замераше во минатото на нас како СДСМ дека не ги слушаме пораките од членството. Ќе го смениме тој начин на функционирање и сме силно одлучни дека ќе се спуштиме во членството со секојдневни посети, ќе го прекинеме јазот кој можеби го имало во минатото помеѓу раководството на партијата и општинските организации, месните организации, локалните клубови на млади, тој јаз ќе го намалиме“, рече Димитријевиќ.

Во интервјуто, Димитријевиќ потенцираше дека во СДСМ има сериозен човечки потенцијал и дека секој е добредојден да придонесе за партијата и во креирањето на идните партиски политики.

„Во СДСМ има сериозен човечки потенцијал. Ова раководство и јас како генерален секретар на партијата сме отворени за сите за сите сугестии, и навистина има искрено подадена рака до сите оние коишто сакаат да се вградат, искрено и чесно во креирање на идните политики на СДСМ“, рече Димитријевиќ.

При тоа, Димитријевиќ посочи дека има јасни сигнали за враќање на довербата во партијата од незадоволни членови.

„Во процесот во којшто следи и во изминатиот период имаме јасни сигнали на враќање на членството односно на разочараните луѓе коишто од одредени политики биле разочарани од политиките на СДСМ. Во периодот којшто следи ќе работиме активно и верувајте дека сите тие знаат каде им е базата и знаат која е единствената партија којшто навистина може да му се спротивстави на ВМРО ДПМНЕ, и кој ги негува вистинските социјалдемократски вредности“, порача генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитријевиќ.

 

СДСМ
Центар за комуникации со јавноста

___________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: СДСМ

Остани поврзан