• сабота, 23 ноември 2024

Димитриевски: Нема да бидеме привезок во коалицијата, во моментот кога нашиот збор нема да се почитува, ќе излеземе

Димитриевски: Нема да бидеме привезок во коалицијата, во моментот кога нашиот збор нема да се почитува, ќе излеземе

Скопје, 30 мај 2024 (МИА) - Ќе бидеме коалициски партнер кој нема да биде „привезок“ во коалиција, туку ќе градиме партнерски односи со нашите идни коалициски партнери. Во првиот момент, кога ќе сметаме дека нашиот збор не се почитува, нема да бидеме составен дел од Владата, порача вечерва лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски.

Димитриевски за емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5, прашан околу разговорите со ВМРО-ДПМНЕ за владино коалицирање, посочи дека станува збор за разговори околу основните принципи на функционирање и на усогласување на идеолошките разлики.

- Разговараме врз база на платформата што им ја понудивме и ја прифатија во целост. Многу помалку е битно каква ќе биде имплементацијата на власта во делот на тоа кој колкав број на ресори ќе преземе, многу повеќе е важно што тоа суштински ние ќе реализираме кон граѓаните. Денеска сме тука каде што сме, чекор пред влез во Влада, рече Димитриевски.

Тој потврди дека разговараат во делот на поделба на ресорите, при што потенцираше дека ЗНАМ е подготвен да влезе со својот капацитет и со своите кадри во голем број на ресори во државата и да даде свој придонес за сериозни реформи и стабилизација. Посочи дека имаат капацитет да раководат со Министерството за правда, но се ќе зависи од конечниот договор.

- Имаме разговарано за поголем број на ресори. ЗНАМ е подготвен да влезе со својот капацитет и со своите кадри во голем број на ресори во државата и да даде свој придонес за сериозни реформи, стабилизација и реализација на програмата и тоа што го ветивме. Ние имаме капацитет и за Министерство за правда и за многу други големи министерства. Но, сепак тоа ќе зависи од конечниот договор. Тоа се некои прелиминарни разговори, рече Димитриевски.

Верува дека доколку ЗНАМ добие целосна поддршка да го менаџира овој сектор, успешно ќе спроведат сериозни реформи во делот на независната судска власт. 

- Верувам дека доколку ЗНАМ добие целосна поддршка да го менаџира овој сектор, успешно ќе спроведеме сериозни реформи во делот на она што значи независна судска власт, обвинителска власт, сериозни реформи, притоа да не се имплементираат идеи за ветинг, туку реално да се направи пресек на тоа што се случува на сите оние обесправени граѓани, рече Димитриевски.

Димитриевски за изјавата на Гаши: Верувам дека тоа е пропуст на протоколот, не сакам да верувам дека е свесно и намерно

Прашан како гледа на тоа што претседателот на Собранието, Африм Гаши свечената заклетва ја даде прво на албански јазик, Димитриевски одговори оти верува дека станува збор за грешка, пропуст на протоколот и службите.

-Новиот претседател на Парламентот погреши, но искрено верувам дека е тоа пропуст на протоколот и службите. Не сакам да верувам дека тоа беше свесно и намерно сторено, бидејќи доколку влегува со една таква намера и таков наратив, само ќе не наврати во едни веќе видени времиња. Мислам дека не треба да се игра на тој план и да се фрустрираат македонските граѓани. Сметам дека времето на „дуизација“ која што се претстави во јавноста како албанизација на Македонија треба да биде минато, рече Димитриевски.

Во однос на најавена претставка од страна на министерката за култура поради изјавата на Гаши на албански јазик, Димитриевски рече дека оваа реакција на министерката е изненадувачка, посочувајќи дека таа не реагирала на истите ваквите пропусти кои се случувале во минато. Посочи дека станува збор за чисто политиканство и популизам. 

-Ме изненадува реакцијата која што дојде од страна на актуелната министерка за култура, бидејќи имаа таква можност да реагираат и на самата седница. Гледам чисто една политика, бидејќи такви моменти и такви пропусти во минато, кршење на Уставот, ги имало на тон и ниту еднаш збор не кажаа за тоа. Во ова гледам чисто политиканство и популизам, каде што се обидуваат да се оправдаат за сите работи кои во минатото ги работеа, рече Димитриевски.

Во врска со свечената изјава на претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова која не ја употреби придавката „Северна“, Димитриевски рече дека во официјалната комуникација мора да се користи официјалното име на државата, но дека почнувајќи од обичен граѓанин до претседател на државата никој не може да забрани да се користи Македонија или македонски.

-Овој договор го поддржував во рамките на иницијативата за референдумот, но не гласав за промена на името бидејќи не бев во Парламентот, и со таквиот исход на референдум немаше да се изјаснам позитивно. Но, тој е на сила веќе и мора да се почитува. Никој не може како на граѓанин на оваа држава, репрезент, претставник, почнувајќи од обичен граѓанин се до претседател на државата да ви забрани да користите Македонија, македонски. Но, јас секојдневно како градоначалник и многу мои колеги дури и од ВМРО-ДПМНЕ потпишуваме акти и документи на кои што пишува Северна Македонија, Во официјалната комуникација вие сте должни согласно Уставот да го користите тоа име. За мене секогаш ќе биде Македонија како и да потпишам, рече Димитриевски.

Димитриевски за случувањата од 27 април: Им простив на луѓето, треба да одговараат оние кои го организираа и логистички го поддржаа настанот

Прашан дали смета дека треба да се помилуваат осудените за настаните од 27 април, Димитриевски рече дека суштински треба да одговараат оние кои повредуваа луѓе, кои нанесоа тешки телесни повреди на поединци во Собранието, но и оние кои го организираа тој настан и логистички го поддржаа.

- Јас им простив на луѓето на 27 април и велам историјата ќе суди за тоа што се случи. Никогаш не им простив на сценаристите и режисерите на тој настан, бидејќи тоа е неприфатливо во една демократија. Да се влезе во институција на систем е директен напад врз државата, но поради лажниот приказ на Талат Џафери кој доби поддршка дека ќе биде претстедател на Парламентот, а презентираше сеалбанско, разочара многу граѓани. Не треба овие луѓе да се сведат на ниво како терористите во Диво Насеље, но оние кои суштински треба да одговараат се оние кои повредуваа луѓе, додаде Димитриевски. бт/бак/

Фото: принтскрин

Остани поврзан