• понеделник, 13 мај 2024

Се извезуваат последните контејнери контаминирана почва од ОХИС од „ЛОТ“ 3, почнува извозот од „ЛОТ“ 4

Се извезуваат последните контејнери контаминирана почва од  ОХИС од „ЛОТ“ 3, почнува извозот од „ЛОТ“ 4

Скопје, 16 април 2024 (МИА) – Со денешниот извоз на последните три контејнери со околу 63 тони почва загадена со линдан од малата депонија во поранешната фабрика ОХИС во Скопје се финализира „ЛОТ“ 3 (Дел 3). Како што информираат за МИА од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), крајната дестинација на трите контејнери е во фирмата Indaver HIM Gmbh во Германија.

Воедно, денеска ќе бидат извезени и првите шест контејнери со отпад од линдан во вкупна количина од околу 120 тони од „ЛОТ“ 4. Крајната дестинација на овие контејнери е во фирмата Tredi Sv. Vulbas во Франција.

- За „ЛОТ“ 4 се обезбедени средства и се очекува во наредните два до три месеци тој целосно да биде реализиран. Останува уште да се обезбедат средства за „ЛОТ“ 5 со што целосно ќе биде расчистена малата депонија со линдан во кругот на ОХИС. Поголем проблем ќе претставува расчистувањето на големата депонија со линдан која опфаќа и делови од Пеленица за што ќе бидат потребни многу повеќе средства кои допрва треба да се обезбедат, велат од Државниот инспекторат за животна средина за МИА.

Нагласуваат дека во текот на денот главниот инспектор за животна средина Хусни Тачи ќе направи инспекциски надзор на малата депонија во ОХИС.вј/бак/

Фото: Фејсбук ДИЖС

 

Остани поврзан