• понеделник, 25 ноември 2024

ДИЖС најави санкции за четири правни и две физички лица за отпадот во Орман (ДПЛ)

ДИЖС најави санкции за четири правни и две физички лица за отпадот во Орман (ДПЛ)

Скопје, 9 ноември 2023 (МИА) - Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) најави санкции за четири правни и две физички лица поврзани со отпадот во селото Орман во општина Ѓорче Петров. 

Директорот ДИЖС Сретен Стојковски, на денешната прес-конференција каде што елаборираше повеќе предмети од јавен интерес, рече дека ќе следи и соодветна постапка за санкционирање за неколкуте сторени законски повреди, односно за загрозување на животната средина и природа со отпад.

- Иако постои меѓусебен договор меѓу „Рецикл Еко-старт“ и сопствениците на парцелите на локација на приватен имот во Орман, несоодветно е транспортиран и складиран отпад кој потекнува од правниот субјект „Рецикл Еко-старт“, на локација која не е наменета за складирање на ваков отпад, односно нема добиено дозвола од Министерство за животна средина и просторно планирање, што е казниво по закон, појасни Стојковски.

Изминатиот месец инспектор од Ѓорче Петров утврди дека на приватен плац во селото Орман биле најдени 600-тони опасен отпад од акумулатори, за кој граѓаните велат дека таму стои веќе шест месеци.

- Отпадот потекнува од Пробиштип, од „Таб-Мак“, којшто е предаден на „Рецикл Еко-старт“ во Скопје, истиот извршил операции на збогатување на опасниот отпад со инсталација којашто ја инсталирал на посочената локација, односно кај правниот субјект „Еко-Старт“ и дел од отпадот што го создал, по негово кажување на сопственикот, е предаден на фирмата „Сатус“ ДОО Скопје којашто го однела на локацијата на Орман, кај физичките лица кај Орман со кои склучиле меѓусебен договор, изјави Стојковски.

Во врската со новинарското прашање околу содржината на опасниот отпад, тој рече дека оловната троска содржи повеќе метали, како што се олово, цинк, бакар, антимон, арсен, кадмиум, злато, сребро итн., а во едната анализа земена во стопанскиот двор на „Рецикл Еко-старт“ се покажало дека има олово од 9,42 проценти, додека согласно правилникот за постапување со отпад и начинот на пакувањето, како и означувањето со опасниот отпад, ако содржи отпадот една или повеќе супстанци класифицирани како токсични, со вкупен масен удел еднаков на три проценти се смета за опасен отпад.

Од друга страна, од анализата на одземените примероци кај отпадот во Орман, се покажало дека има 5,19 проценти олово.

Како што појасни Стојковски, оловната згура, која се води како опасен отпад, компанијата „Таб Мак“ ја предава на компанијата „Еко Старт“ за третирање. „Еко старт“ преку тој отпад произведувале оловна паста која ја продавале на „Таб Мак“ преку другата компанија „Рецикл Еко Трејд“, но за тоа немале дозвола. Додека сето тој отпад што не се користи се носело во селото Орман преку компанијата „Сатус“.

Информирајќи и за другите постапки на ДИЖС, тој кажа дека извршени се инспекциски надзори и во ДИС Енергија ДОО Скопје, како и ДПТТР „Еуропрогрес“ ДООЕЛ, „Скопско Поле“ ДООЕЛ, ДПТУ Кул К-Лара ДООЕЛ, ЈП „Дрисла“, а за САНС АГ поднесено е барање за прекршочна постапка. сх/ар/

Фото: МИА

Остани поврзан