Де Кро: На ЕУ и требаат повеќе сопствени средства за да може да одговори на глобалните предизвици
- Со секој голем предизвик со кој се соочуваме, европските граѓани, дури и оние евроскептичните, чекаат Европа да се справи со тие предизвици, бидејќи земјите сами не можат да го сторат тоа. Ако сакаме да одговориме на тие очекувања, ќе мора да ги пренасочиме нашите приоритети, што неизбежно води до дискусија: од каде пари, изјави Де Кро, чија земја од 1 јануари го презеде претседавањето со ЕУ во првите шест месеци од оваа година.
Брисел, 3 јануари 2024 (МИА) – Европската Унија има потреба од повеќе сопствени средства, бидејќи во услови на руската агресија врз Украина, кризи и актуелните случувања во Газа, европските граѓани очекуваат стратешки решенија од неа за глобалните прашања, оцени белгискиот премиер Александер де Кро во интервју за бриселскиот портал „Политико“.
- Со секој голем предизвик со кој се соочуваме, европските граѓани, дури и оние евроскептичните, чекаат Европа да се справи со тие предизвици, бидејќи земјите сами не можат да го сторат тоа. Ако сакаме да одговориме на тие очекувања, ќе мора да ги пренасочиме нашите приоритети, што неизбежно води до дискусија: од каде пари, изјави Де Кро, чија земја од 1 јануари го презеде претседавањето со ЕУ во првите шест месеци од оваа година.
Сопствените средства со кои располага ЕУ првенствено доаѓаат од придонесите на 27-те земји членки, како и од царините за увоз на стоки од трети земји што не се членки на блокот. Дополнително, од 2021 година беше воведен данок за пластика од кои директно во буџетот на ЕУ се влеваат околу шест милијарди евра годишно.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, идејата на Де Кро доаѓа во време кога во рамките на ЕУ траат преговорите за ревизија на Финансиската рамка за периодот 2021-2027 година, која изнесува 1,2 трилиони евра. Со ревизијата се предвидува пренамена на некои средства, но и обезбедување на дополнителни финансии за поддршка на Украина.
Европската комисија побара дополнителни 66 милијарди евра за покривање на непредвидените трошоци поврзани со ковид пандемијата, но земјите членки на декемврискиот самит се согласија да одобрат само 21 милијарди евра, додека поддршката за Украина беше блокирана од Унгарија.
Предлогот на Де Кро ги подгрева шпекулациите дека е можно воведување дополнителни даноци на ниво на ЕУ за покривање на зголемените трошоци.
Тој сепак во интервјуто не дава прецизен одговор во врска со изворот на тие „дополнителни сопствени средства“ на ЕУ.
- Ако сакаме да имаме добра дискусија, не сакам да коментирам премногу за тоа, изјави Де Кро во одговор на прашањето дали тие дополнителни средства би биле обезбедени од нови даночни оптоварувања на граѓаните, со зголемување на придонесите на земјите членки или со кратење на пари за одредени буџетски ставки.
Тој потсети дека најголем дел од буџетот на ЕУ се троши на поддршка на земјоделскиот сектор и за Кохезивниот фонд, наменет за помош на земјите членки со понизок БДП по главна жител.
- Средствата за земјоделството и за кохезијата нема да се укинат, но ќе треба да се додадат и други работи. Тоа е неизбежно. За следниот буџет ќе ја имаме дискусија за тоа кои се европските приоритети?, смета Де Кро.
Според него, прашањето за дополнителни извори на финансирање станува уште поважно во услови кога ЕУ се подготвува за прием на нови членки до крајот на оваа деценија.
- Пред да станеме поголеми, треба да станеме подобри, додаде Де Кро.
Тој смета дека воведувањето директното европско финансирање ќе и даде поголем демократски легитимитет на Унијата.
- Демократскиот легитимитет е поврзан со сопственото финансирање. Тоа се поврзани работи. Денес, европското финансирање е индиректно и на несигурен начин. Сите ние имаме свои методи за консултации со националните парламенти, но ако Европа продолжи во насоката во која оди, а притисокот е во таа насока, мора да имаме нешто што претставува подиректно финансирање, смета белгискиот премиер.
Де Кро истакна дека ги разбира своите колеги кои не се расположени за дополнителен придонес во буџетот на ЕУ, но не му е јасно како очекуваат Унијата да „плаќа повеќе, додека тие одбиваат да го сторат тоа“.
Главни противници на зголемување на трошоците на ЕУ се нордиските земји и Холандија, кои постојано бараат намалување на буџетот на Унијата, а против евентуални нови даноци се изјасни и Унгарија.
Во рамките на ЕУ, а пред се во Европскиот парламент, се води дискусија за можноста за зголемување на даноците за емисиите на јаглерод и на профит на мултинационалните компании во рамки на следната буџетска рамка од 2028, од што се предвидува обезбедување на дополнителни 36 милијарди евра годишно, но засега нема согласност за тоа од сите членки на Унијата. Приврзаниците на ваквите мерки се надеваат дека белгиското претседателство ќе успее да издејствува компромисно решение за нив.
Техничкиот рок за евентуално усвојување на овие мерки истекува во 2027 година, кога треба да биде усвоена следната повеќегодишна буџетска рамка, но според дипломатски извори, „политичкиот рок“ за нив се европските избори во јуни годинава. сп/
Фото: МИА Архива