• петок, 05 декември 2025

Дејан Мираковски реизбран за ректор на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“

Дејан Мираковски реизбран за ректор на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“

Штип, 12 јуни 2025 (МИА) - Дејан Мираковски доби уште еден мандат, како ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип. Претседателот на Комисијата за избор на ректор на УГД, проф.д-р Дејан Маролов денеска соопшти дека гласањето заврши на сите 15 единици на Универзитетот, од кои на 12 факултети и три академии.

-Гласањето се спроведе од 12 до 14 часот. Во врска со пријавениот кандидат професор доктор Дејан Мираковски констатираме дека има 294 гласа за, против гласале 11, не гласале 12 и има пет неважечки ливчиња. Така да можеме да констатираме дека кандидатот професор доктор Дејан Мираковски е повторно избран за ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, рече Маролов.

Реизбраниот ректор на УГД-Штип, Мираковски се заблагодари на професорите и студентите, кои му ја дадоа поддршката и какошто рече во наредните три години ќе ги остварат сите зацртани цели. Тој посочи дека во изминатите три години, како ректор има дадено нова динамика на УГД, кој стана и поотворена институција, поврзана со институциите и на локално и на државно ниво, а исто така и стана членка во новата Алијанса на девет европски Универзитети. Посочи дека има и подобрување на условите за научна истражувачка работа и за професорите и за студентите.

-Со новата европска Алијанса се отвараат нови перспективи за нашиот Универзитет, односно главна, крајна цел е да обезбедиме европско квалитетно студирање и тоа дома. Верувам дека европско студирање и европска диплома дома е тоа што ќе го направи нашиот Универзитет привлечен не само за студентите од нашата земја, верувам и на регионално ниво, изјави Мираковски.

Тој забележа дека Алијансата на деветте европски Универзитети дава многу можности за студентите и за професорите, а крајната цел е во тој процес, студентите да добијат европска диплома. Инаку, Алијансата на деветте Универзитети е финансиски поддржана од фондовите на ЕУ. вдј

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан