Дејан Глинџарски и Катерина Величковска ја претставија програмата за развој на Делчево
- Дејан Глинџарски, кандидат на СДСМ за градоначалник на Делчево, заедно со носителката на кандидатската листа за советници Катерина Величковска, вечерва на трибина во Делчево ја презентираа својата визија и план за развој на градот.
Делчево, 5 октомври 2025 (МИА) - Дејан Глинџарски, кандидат на СДСМ за градоначалник на Делчево, заедно со носителката на кандидатската листа за советници Катерина Величковска, вечерва на трибина во Делчево ја презентираа својата визија и план за развој на градот.
Глинџарски истакна дека програмата опфаќа големи инфраструктурни проекти, кои веќе се подготвени со целосна документација и одобрение за градење, а финансирањето е обезбедено преку Европска инвестициска банка. Меѓу нив е изградбата на речното корито во должина од 500 метри низводно од хотел „Македонија“ до мостот на улица „Индустриска“ и реконструкцијата на каналот за наводнување.
За подобрување на сообраќајот, предвидена е изградба на три кружни крстосници на булевар „Македонија“, со цел побезбедни улици и модерен сообраќај без хаос.
-Делчево не се само улици и згради. Тоа е град со култура, традиција и иднина. Нашите деца треба да растат со уметност и култура, рече Глинџарски, најавувајќи изградба на нова куќа на културата „Срце на градот“ која ќе биде достапна за сите генерации, таленти и идеи. Исто така, ќе се инвестира во активности во Спомен-домот „АСНОМ“, кој ќе продолжи да биде културното срце на градот.
Програмата предвидува и развој на сите населби, со изградба на нови улици, водоводи и канализации таму каде што недостасуваат, како и изградба на мултифункционални игралишта и спортски терени за младите. Дополнително, ќе се рехабилитираат земјоделските патишта за поддршка на локалните земјоделци, а ќе се инвестира и во туризмот на Голак и уредувањето на езерото Петрашевец, со цел Делчево да стане вистинска туристичка дестинација.
-Ова не се само зборови. Ова е програма која може и мора да се оствари. Јас ќе бидам градоначалник на сите граѓани – чесен, посветен и отворен за секого. Ќе бидам меѓу вас и секој ден ќе работам за доброто на Делчево, рече Глинџарски.

На трибината се обрати и Катерина Величковска, носителка на листата за советници на СДСМ и Коалиција за Локалните избори 2025 која ги истакна приоритетите за локалната самоуправа, поддршката на инфраструктурни и културни проекти и работењето за подобрување на животот на сите граѓани. вс/вј/
Фото: МИА