Детска работилница во Битола - мизансцен за еден мал танцов театар
- Фестивалот „Илинденски денови“ претпладнево продолжи со детска ликовна работилница модерирана од професорката Весна Дунимагловска на тема мизансцен за еден мал танцов театар.
Битола, 23 јули 2025 (МИА) - Фестивалот „Илинденски денови“ претпладнево продолжи со детска ликовна работилница модерирана од професорката Весна Дунимагловска на тема мизансцен за еден мал танцов театар.
Работилницата се одржа на големата сцена од битолскиот театар, која како што посочи професорката Дунимаглоска, овозможува да се дизајнира обединувачка креативна авантура и други вредности и искуства во група на луѓе пренесени низ генерации.

-Мизансцен за еден мал танцов театар е ликовна работилница која изведува поставка на мала висечка театарска сцена од кинетички скулптури и предметности, изработени од материјали најдени во непосредната природа, опкружување и живеење како што се земја, глина, прачки, камчиња, хартија, жица... чии носечки форми, внатре во себе, имаат движечко чувство на енергија, отсликувајќи ја природата на една култура, каква што е и самата природа на детската игра, истакна Дунимаглоска.
На работилниците „Народната култура – трајна инспирација во моето творештво“ учествуваат 96 ученици од основните општински училишта во Битола кои заедно со своите ментори учат повеќе вештини.
-Првата работилница се одржа во музејот каде освен информации за експонатите, децата можеа да се запознаат со техниките на копаничарството за што презентации одржаа Васко Поповски-Пикуло и Веселин и Поповски, копаничари од Битола. Работилница одржа и Димитри Балојани, автор на првиот македонски етно стрип „Русалии танци и традиција“. Учениците имаа можност сами да нацртаат стрип и да изработат приказна со почеток, заплет, расплет и крај. Притоа беа обработени обичаите за свадба, одење на вода, посета на црква и други мотиви. Серијалот работилници завршува утре со презентација на уметницата Аница Стевановска и изработка на фрагменти, народни шари и везови кои се поставуваат на торби, истакна Вера Соклевска, координатор на работилницата.
Според востановената традиција на учесниците и волонтерите на работилницата, НУ Центар за култура-Битола ќе им додели благодарници. мт/дма/
Фото: МИА