• понеделник, 23 декември 2024

Деспотовски: Заедно со еден посветен тим работиме на нов концепт за враќање на интегритетот на СДСМ и местото што го заслужува

Деспотовски: Заедно со еден посветен тим работиме на нов концепт за враќање на интегритетот на СДСМ и местото што го заслужува

Скопје, 24 мај 2024 (МИА) - Не е време за исполнување на нечии лични амбиции туку да спроведеме нов концепт во работењето на СДСМ. Повторно мотивиран и сега, заедно со еден посветен тим наши другари, но и лица што досега не биле во политиката работиме на концепт кој се заснова на "ние", а не на "јас”, вели Јован Деспотовски член на СДСМ и директор на ТИРЗ во изјава за МИА дали ќе се кандидира за претседател на партијата по оставката на Димитар Ковачевски.

По дебалкот на изборите, тој е убеден дека на партијата и треба радикален дисконтинуитет со досегашните политики, начинот на кој биле спроведувани, но и со кадровските решенија.

- Јасна е пораката од членовите и граѓаните. Затоа ги повикувам партиските другари од актуелното раководство да преземат одговорност и да го затвориме тоа прашање без понатамошно одлагање. Да се даде предност на СДСМ пред личните желби и амбиции. Во спротивно како ќе им покажеме на граѓаните дека сме ја слушнале и разбрале пораката што ни ја испратиле ако повторно им се понуди она за што рекле јасно “не“. Сега треба да размислуваме за денот понатаму. На СДСМ му е потребен нов концепт и решение за „повторно раѓање“, смета Деспотовски.

Тој потсетува дека веќе понудил поинаков концепт за СДСМ кога пред три години се кандидира за челната позиција и оти е повторно мотивиран да понуди концепт со кој партијата ќе си го врати назад заслуженото место.

-Уште пред три години кога понудив еден поинаков концепт и се кандидирав за претседател јасно кажав дека не се согласувам со патот по кој тргна СДСМ. Повторно мотивиран и сега, заедно со еден посветен тим наши другари, но и лица што досега не биле во политиката работиме на концепт кој се заснова на "ние", а не на "јас”. Денес сум решен тој нов концепт да го претставиме, да го одбраниме и потоа заедно со сите искрени членови и поддржувачи да се бориме за негово  спроведување. Нашиот концепт обединува а не фаворизира, концепт во кој ќе му се чуе гласот на секој еден и ќе има место за сите кои искрено ќе се вложат во партијата повторно да го врати интегритетот и местото што го заслужува, вели Деспотовски најавувајќи ја практично својата кандидатура за претседател на СДСМ.

За него ова е прашање на одговорност кон членството, симпатизерите и на обнова на довербата.

-За реформи е потребна храброст и одлучност. Но ова не избор, ова е чин на одговорност што им го должиме на нашите членови и нашите поддржувачи.
Само така ќе покажеме дека навистина сме ја примиле пораката и ќе почнеме да ја обновуваме довербата што ја изгубивме, вели Јован Деспотовски.

Меѓу можните кандидати за лидерската позиција во СДСМ, откако Димитар Ковачевски поднесе оставка на функцијата по поразот на партијата на претседателските и на парламентарните избори, според пишувањата во медиумите, се спомнуваат повеќе лица.

Актуелниот директор на Царинската управа Стефан Богоев на прашањето дали ќе се кандидира за претседател на партијата, во изјава за МИА вели дека се уште не одлучил.

Амбиција за лидерската позиција, јавно пројави и актуелната министерка за одбрана Славјанка Петровска, но и таа најави дека конечната одлука ќе ја донесе откако ќе биде започната постапката.

Во дел од медиумите како можни кандидати на внатрепартиските избори што ќе се одржат во јуни, се спомнуваат и имињата на Оливер Спасовски и Венко Филипче.

Извршниот одбор на СДСМ на седницата одржана завчера ја задолжи Централната изборна комисија врз основа на Статутот на партијата да предложи правилник со предлог роковник за спроведување на директните внатрепартиски избори во текот на јуни во транспарентна и демократска постапка.

- Бидејќи избраната Централната изборна комисија согласно Статутот се уште има мандат, во истиот состав ќе ја спроведе постапката за нови непосредни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ. Извршниот одбор ја задолжи Централната изборна комисија врз основа на Статутот на партијата да предложи правилник со предлог роковник за спроведување на директните внатрепартиски избори во текот на месец јуни во транспарентна и демократска постапка, информираа денеска од СДСМ.

Димитар Ковачевски на седницата го потврдил повлекувањето од функцијата претседател на СДСМ и иницирал свикување отчетен Конгрес.

- Членовите на Извршниот одбор, како и членовите на раководството на СДСМ, заменик претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациониот секретар, секретарот за меѓународна соработка, поднесоа оставки од функциите. Воедно, согласно поднесените оставки се повикуваат и членовите на Централниот одбор да го следат примерот како морален чин на одговорност, се вели во соопштението.

Со повлекувањето на претседателот на СДСМ, како што информираат од партијата, сите претседатели на Општински организации и претседателот на Градската организација се во оставка со оглед на фактот дека се именувани од страна на претседателот, а нивната функција ќе ја извршуваат до избор на нови.

Досега, на чело на партијата беа Бранко Црвенковски, Владо Бучковски, Радмила Шекеринска и Зоран Заев. вг/аа/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан