• сабота, 23 ноември 2024

Десет добитници на Осмоноемвриското признание на Општина Штип

Десет добитници на Осмоноемвриското признание на Општина  Штип

Штип, 3 ноември 2023 (МИА) - На десет добитници на Свечената седница на 8 Ноември ќе им бидат доделени Осмоноемвриските признанија што Општината ги доделува по повод Денот на ослободувањето. Меѓу нив се луѓе кои придонеле во развојот и афирмирањето на градот. Прва на листата е д-р Светлана Кордумова-Трајанова, а следат тројца професори кои работеле во областите на спортот и музиката, како и развојот и инвестициите на штипскиот Универзитет. На денешната седница на Советот на Општина Штип, добитниците и официјално ги соопшти Кирил Панајотов од Општина Штип.

-Доктор Светлана Кордумова Трајанова за исклучителен придонес во афирмирањето на Штип како истражувач, научник, сопственик на „старт-ап“ компанијата „Пиксајл“. Проф. д-р Дарко Лазаров, проректор за развој и инвестиции на УГД, за исклучителен придонес во развојот и афирмацијата на Универзитетот и градот, проф. д-р Андон Мајхошев за постигнувања во сферата на образованието, Тоше Митров како музички педагог за исклучителен придонес во развојот на музичката култура, вели Панајотов.

Во областа на здравството, признанието ќе го добие д-р Ванчо Органџиски, на листата се и академски вајар, селекторот на сениорската репрезентација во борење и уште три Здруженија кои ги промовирале волонтерството, балетската култура и културата за јога.

-Примариус д-р Ванчо Органџиски за долгогодишен придонес во областа на здравството, Далибор Николовски – Дачо, академски вајар, автор на споменикот „Свети Кирил и Методиј“ за несебичен придонес и афирмација на уметноста и културата на живеење, Здружение на акцијаши-волонтери „Пат на младоста“ - Штип за негување на традицијата на акцијаштвото и волонтерската работа, Бобан Данов, селектор на сениорската репрезентација на Македонија во борење – слободен стил, за исклучителен придонес во афирмација на борењето, Центар за балетска уметност „Арабеска“ - Штип за промоција и афирмација на балетската уметност и Јога друштво Штип – Центар за јога наука, за исклучителен придонес и развој на културата за јога, додава Панајотов.

Советниците денеска едногласно ја донесоа конечната листа, која пред нив се најде по предлозите на Комисијата, а која ги разгледуваше пријавите по Конкурсот. Осмоноемвриската награда се доделува на секои пет години, а признанијата секоја година за тековни активности и афирмација на градот во изминатата година. вдј/сх/

Фото: МИА

Остани поврзан