• петок, 05 декември 2025

Десетици цивили и војници убиени во џихадистички напад во градот Џибо, во северниот дел на Буркина Фасо

Десетици цивили и војници убиени во џихадистички напад во градот Џибо, во северниот дел на Буркина Фасо

Џибо, 12 мај 2025 (МИА) - Неколку десетици војници и цивили беа убиени вчера во нов џихадистички напад во Џибо, голем град во северниот дел на Буркина Фасо, објавија француските медиуми, повикувајќи се на локалните безбедносни сили.

Од 2015 година, вооружени џихадистички групи поврзани со Ал Каеда и Исламска држава извршија бројни напади низ речиси целата територија на Буркина Фасо.

Стотици џихадисти вчера истовремено нападнаа воена единица, полициски и жандармериски пунктови и упаднаа во населби во градот Џибо, убивајќи „неколку десетици“ војници и цивили, изјавија за француските медиуми локалните власти и безбедносните служби.

„Стотици од нив дојдоа со мотоцикли и автомобили, практично опкружувајќи го градот“, соопштија безбедносните сили. „Групите нападнаа неколку области од градот, предизвикувајќи жртви меѓу цивилното население“, додадоа безбедносните служби. Тие прецизираа дека имало и убиени и ранети војници, а напаѓачите исто така претрпеле загуби.

Во друг дел од градот, луѓето беа погубени пред своите домови. Повеќето од нив беа мажи. Жените и децата беа поштедени, изјави жител на Џибо.

Воената хунта на капетанот Ибрахим Траоре, кој дојде на власт по државен удар во септември 2022 година, сега речиси и не известува за напади и редовно тврди дека повторно повратила делови од територијата на Буркина Фасо што беше под контрола на исламистите.

Но, земјата останува во канџите на спирала на насилство што трае од 2015 година. Оттогаш, тоа предизвика смрт на над 26.000 цивили и војници, од кои повеќе од половина се убиени во последните три години, покажуваат податоците на невладината организација „Аклед“, која ги регистрира жртвите на конфликтите низ целиот свет.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан